Линкови за пристапност

„Барајќи ја недојдија“ - филм за моќта на имагинацијата - 2005-01-27


Во Лондон, на крајот на дваесетиот век, Џејмс Бери, со шкотско потекло, бил прославен драмски писател во потрага по инспирација. Ја нашол кога ја сретнал Силвија Дејвис и нејзините четири млади синови едно пролетно утро во Кенсингтон Гарденс. Во време кога го преживува неуспехот на неговата последна драма и се поголемото студенило во неговиот брак, Бери започнува да минува се поголем дел од времето со семејството Дејвис.

Иако неговата врска со Силвија останува платонска, Бери станува нешто како замена на татко на тие деца, и, за возврат, нивната игривост му го отвара срцето и тој го создава своето најпознато дело.

Џони Деп заработи номинација за Оскар за портретирање на авторот на Петар Пан. Овој актер кој сака да ги истражува своите улоги вели дека колку повеќе дознавал за Бери, толку потешка станувала неговата работа: „Тој бил темен човек, Џеј Ем Бери. Би сакал да кажам дека беше забавно, но не беше. Ако зборуваме за играњето на таа улога, воопшто не беше лесно. Има вистинска длабочина и еден вид тежина... трагичен квалитет“.

Тоа е мешавина од трагедија и комедија, и Џони Деп смета дека голем дел од тоа се должи на неговиот лик: „Бери бил исклучително комотен меѓу мали деца и апсолутно здрвен со возрасни. Чуден тип“.

Кејт Винслет ја игра госпоѓа Дејвис и таа смета дека врската на нејзиниот лик со Бери се развила благодарение на неговата имагинација.

„Таа е фасцинирана од него, на ист начин како што децата се фасцинирани. Тоа е прекрасна линија во приказната. Тие се магично привлечени од него, не затоа што тој нешто прави, туку затоа што е кој е и што ги прима во неговиот свет на фантазија“, вели Винслет.

Деп смета дека клучот на "FINDING NEVERLAND" – како што е и во „Петар Пан“, е имагинацијата: „Колку е важно да и́дозволите на имагинацијата да биде слободна и да се измислуваат работи, сеедно колку смешни, и да не се плашите од преземање ризици“.

"FINDING NEVERLAND" е во режија на Марк Фостер. Во актерската екипа е Фреди Хајмор како Питер Дејвис, Дастин Хофман го игра театарскиот продуцент на Џеј Ем Бери, а Џули Кристи е авторитетната мајка на Силвија Дејвис.

XS
SM
MD
LG