Да не се заборави, за да не се повтори, порачуваат Мориц Романо, Бено Русо, Аврам Садикарио, Роза Камфи и Жамила Колономос, петмината македонски Евреи кои го преживејаа холокаустот, избегнувајќи ја депортацијата на 7.200 нивни сонародници од Штип, Скопје и Битола, од поранешниот скопски Монопол, на 11 март 1943 година, во логорот Треблинка во Полска. Тие во знак на почит и сеќавање на 6 милиони Евреи погубени во концентрациониот логор Аушвиц и по повод 60 годишнината од затворањето на оваа фабрика на смртта, вчера во Скопје потпишуваа пригодни коверти и се потсетија на ноќта кога нивните најблиски заминале на последното патување.
Што да ви кажам, вели денес 82-годишната Роза Камфи Русо, која таа 11 мартовска ноќ од пукнатините дуќанот на еден нејзин другар во Битола била сведок на заминувањето во смрт на нејзиното најтесно семејство -двајцата браќа и родителите. „Морничаво беше, плачење, луѓето одеа од дома многу потресени не знаејќи каде одат, сите се собраа таму, ги гледавме низ пукнатините на дуќанот. Другарки, пријатели не можеш да помогнеш. Можете да сфатите, во каква состојба бевме да ги гледаш, а да не можеш да помогнеш“.
Нејизниот сограѓанин Мориц Романо, за депортацијата слушнал додека бил во затворот во Варна, каде се наоѓал како припадник на тогашната прогресивна младина. Тој го преживела холокаустот, но за жал не и неговите најблиски, неговиот брат Давид кој тогаш требало да дипломира на Филозфскиот факултет во Белград и неговите родители. Денес тој вели:
„Би бил грев да не сведочам, да не пишувам да не кажувам“.
Како сведоштво на трагедијата, Скопје наскоро треба да добие споменик во чест на сите жртви на холокаустот, на местото на сега веќе старата локација на меѓуградската автобуска станица.