Линкови за пристапност

Кондолиза Рајс:  обединување на сојузниците за ширење на демократијата во светот - 2005-01-27


Во неформалниот говор пред неколкуте стотици вработени во Стејт департментот, таа истакна дека и́ е потребна нивната поддршка за да се забрза, како што ја нарече, „смелата“ надворешно-политичка агенда на претседателот Буш. Повикувајќи се на инаугуративното обраќање на претседателот од минатата недела, таа истакна дека не може да види подобар предизвик на новата функција од ориентацијата на Џорџ Буш САД да се залагаат за слобода и да стојат зад оние кои се стремат кон демократија.

Инаку, тоа обраќање на претседателот деновиве наиде на критики, меѓу другото и за преамбициозност во однос на ширењето демократија во муслиманскиот свет.

Г-ца Рајс употреби аналогија дека и по Втората светска војна постоел голем песимизам за иднината на демократијата. Сепак, кажа таа, некогашните американски воени противници, Германија и Јапонија и поранешните комунистички земји од Источна Европа, доживеаа демократска трансформација, и сугерираше дека сега може се случи и со Блискиот Исток.

„Знам дека има такви кои се прашуваат дали демократијата ќе биде одржлива на Западниот Брег, во Ирак или во Авганистан. Сметам дека ние, како Американци, кои знаеме колку е тежок патот кон деморатија, мора да веруваме дека тоа е остварливо. А тоа ќе го постигнеме соработувајќи со оние кои сакаат да ги остварат тие аспирации, така што еден ден идниот американски претседател во Белата куќа ќе прима демократски државници од многу блиско-источни земји кои се уште не ја искусиле демократијата“, рече Рајс.

Алудирајќи на затегнатите односи со некои сојузници околу војната во Ирак, новиот шеф на дипломатијата рече дека САД имаат сојузници кои Вашингтон мора да ги обедини за постигнување на големата цел за ширењето на демократијата.

Во интервју за арапската ТВ-мрежа Ал-Арабија, претседателот Буш потврди дека наскоро Кондолиза Рајс ќе замине на турнеја по неколку земји, со цел што поскоро да се изнајде мирно решение за израелско-палестинскиот конфликт. Според владини извори, новиот американски државен секретар турнејата ќе ја започне кон крајот на наредната недела и освен блискоисточниот регион ќе посети и неколку европски земји.

XS
SM
MD
LG