Армијата Ансар ал-Суна, една од најактивните терористички групи, презеде одговорност за денешниот атентат врз виш ирачки судија, интензивирајќи ја својата кампања за заплашување на ирачките гласачи непосредно пред националните избори.
Во изјавата на Интернет чија автентичност се́ уште не потврдена, групата вели дека го убила администраторот на ирачките судии и ветува дека ќе ги елиминира, цитираме, останатите неверници и отпадници.
Судијата Каис Хашим Шамери денес беше убиен во напад со огнено оружје додека со возило се движел низ центарот на Багдад. Во нападот загинало уште едно лице во возилото.
Американската армија соопшти дека пет војници загинале во сообраќајна несреќа северно од Багдад во понеделникот навечер. Друг војник вчера починал откако претходно бил сериозно повреден во улична експлозија во Багдад.
Бунтовниците во Ирак објавија видео-лента на која е прикажан американски државјанин кој беше грабнат пред речиси три месеци.
Снимката е објавена на ТВ станицата Ал-Џазира. Американецот Рој Халамс и неговиот колега – Филипинец, беа грабнати од Багдад на први ноември. Се́ уште не се знае судбината на Филипинецот.
Лицето кое на снимката се идентификува како Рој Халамс апелираше до арапските лидери, особено до либискиот претседател Моамер Гадафи да интервенираат и да го спасат. Додека тој говори, на снимката може да се види пиштол вперен во неговата глава.
Во меѓувреме, осум кинески работници кои беа држени како заложници преку 5 дена минатата недела, се на пат за дома. Тие беа ослободени откако официјален Пекинг вети дека ќе ги советува своите граѓани да не патуваат во Ирак.
Годишнина на ослободувањето на Аушвиц
Германскиот канцелар Герхард Шредер во денешното обраќање во Берлин ја подвлече важноста од натамошната борба против антисемитизмот.
Канцеларот кажа дека е неможно да се порекнува оти антисемитизмот и натаму постои и повика целото општество да поведе борба против него. Тој говореше на средбата во Берлин со која се одбележа 60-годишнината од ослободувањето на логорот Аушвиц.
Вчера во Њујорк, германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер на комеморацијата во ОН го нарече холокаустот „морална гнасотија“, и рече дека германското минато прави должност на земјата да биде битката против сите форми на анти-семитизам, ксенофобија и нетолеранција.
Над еден милион евреи беа убиени во нацистичкиот логор Аушвиц во јужна Полска за време на Втората светска војна. Руските сили го ослободија Аушвиц на 27 јануари 1945 година.
Украинскиот претседател Виктор Јушченко денеска се обрати пред Советот на Европа во Стразбур, Франција, каде ги истакна желбите за зајакнување на врските со ЕУ и НАТО.
Вчера, за време на својот прв ден на функцијата, Виктор Јушченко беше во Москва, каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. По средбата тој ја нарече Русија вечен стратешки партнер на Украина, но исто така стави до знаење дека има намера да ја приближи земјата до Европа.
Комесарот за надворешни односи на Европската Унија денес изјави дека таа не е подготвена да и́ понуди можност за членство на Украина. Наместо тоа, европските лица предложија план од 10 точки за подобрување на врските со Украина, што предлага подобра соработка во трговијата, безбедноста и надворешните односи.