Линкови за пристапност

Европски парламент:  ЕУ да има водечка улога за Косово - 2005-01-25


Кон финалниот статус на Косово мора да се тргне што е можно побрзо бидејќи сегашната ситуација е неодржива. Ова е накусо заклучокот од повеќечасовната дебата на тема Косово која се одржа во вторникот во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

2005-та е витална година за Косово, се согласија европските пратеници кои во големо мнозинство изјавија дека независноста е неизбежна.

Според парламентарката Дорис Пак, до независноста не се доаѓа лесно.

„Финалниот статус е една работа, но да се дојде до тоа потребни се голем број чекори што ќе и помогнат на земјата да биде коректно раководена. Потребна е децентрализација на власта и да му се помогне на српското малцинство да живее заедно со Албанците“, вели Дорис Пак.

Европскиот парламент смета дека Европската унија мора да преземе водечка улога во процесот што е во тек на Косово. Во спротивно, стравуваат пратениците, може да се случи Вашингтон да загуби трпение и унилатерално да ја признае независноста на Косово. Улогата на Европа е клучна и во рамките на УНМИК, но и преку европската перспектива, смета Елмар Брок, претседател на Комисијата за надворешни работи на ЕП.

„На Косоварите но и на Србите треба јасно да им се стави на знаење дека европската перспектива е тука и дека политички, економски и социјално е во нивна корист меѓусебно да соработуваат“, вели Брок.

И во Брисел, Белград го повтори своето противење на независно Косово. Претставникот на српската влада Небојша Човиќ кажа: „Белград не може да толерира решение кон независност на Косово и свесни сме дека нема да биде како некогаш. Независно Косово може да постои само како приказна: Косово е или во Србија, или во Албанија. Независно Косово е неодржлива држава која нема ниту еден атрибут на држава“, вели Човиќ, и додава дека треба да се види дали може да се направи заеднички пристап или договор во кој едните нема да добијат се, а другите нема да загубат се.

XS
SM
MD
LG