Линкови за пристапност

Снегот ја парализира Македонија - 2005-01-25


Затрупани улици, сообраќајни незгоди, отсечени региони, завеани села, блокирани патишта, прекин на училуишната настава. Вака изгледа сликата за Македонија изминативе три дена на непрекинати снежни врнежи. Дебар, Кичево и Струга со по 80 и Охрид со 60 сантиметри снег водат на листата на градови со најдебела снежна покривка, не сметајќи ги планинските региони каде снегот наврна до 1 и пол метар. Најзагрозен е западниот дел на Македонија. Целосно е во прекин сообраќајот Охрид -Кичево и Дебар-Маврово главно поради лавини и странични наноси, а меѓуградскиот сообраќај од и кон овој регион се одвива со големи задоцнувања.

-Прекин на сообраќајот има и од Тетово, поточно од Лисец до Попова шапка. Забрана за движење на тешки товарни возила има на Стража, Маврово, Пресека, Ѓавато како и на патниот правец од Струга кон граничниот премин Ќафасан, додека за патничките возила и за автобусите на овие патни правци задолжителна е зимската опрема, вели Владимир Атанасовски од АМСМ.

Во струшко, прилепско и кичевско во прекин е и училишната настава, но најголем проблем претставуваат отсечените региони, каде невозможна е достава на храна, а во прекин е и електро и водоснабдувањето. За најдрастични примери се сметаат Витолиште и Мариово и завеаните села во Поречието.

Завчера, беше забележан и еден неславен рекорд -дури 180 сообраќајни незгоди. Во МВР велат дека вчера тој број бил драстично намален- 42 на територијата на цела држава, од кои 22 во Скопје.

Во главниот град, за расчистување на 20- тината сантиметри снег, истурени се дури 200 тони сол на градските улици, исчистени се приодите до државните институции и здравствените домови, а во расчистувањето се вклучија граѓаните, војниците и градежните фирми.

-Во текот на доцните ноќни часови, особено во утринските, огромен број граѓани се вклучија во расчистување на снегот пред своите домови и локали, за што изразувам посебна благодарност и изразувам посебна благодарност до војниците на АРМ и Генералштабот кои утринската гимнастика ја заменија со расчистување на снегот. Во моментов на расчистувањето на снегот работат 1.350 работници, вели скопскиот градоначалник Ристо Пенов.

Од Хидометеоролошкиот завод на Македонија најавуваат снег и во следните два дена, а потоа голомразица и температури десетина степени под нулата.

XS
SM
MD
LG