Линкови за пристапност

Македонија - Борба против организираниот криминал  - 2005-01-24


Од денеска започна да функционира Одделот за борба против организираниот криминал, како нова единица во реформираната структура на македонското Министерство за внатрешни работи.

„Главната цел на овој Оддел е борбата против организираниот криминал, односно сторителите и откривање кривични дела од таа проблематика. Главно, проблематиката ќе биде во сферата на финансиите, каде што е корупцијата, перењето пари, компјутерскиот криминал, потоа насилниот криминал, трговијата со луѓе и недозволената трговија со дрога и со оружје. Тоа е суштинскиот дел на Одделот за организиран криминал, кој треба да се справи со состојбата во државата и надвор од неа“, изјави Стојче Тошев, потсекретар во МВР и раководител на Одделот за организиран криминал.

Според министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски тој е дел од големите реформи што се спроведуваат во македонската полиција. Реформите започнаа со формирањето на граничната полиција, но Одделот за борба против организираниот криминал е прв чекор од реформите во централните служби на македонската полиција. Следните активности се формирање на одделите за крим-техника и за посебните полициски служби, најави министерот Михајловски.

„На порастот на организираниот криминал не може да му се застане на пат само со полициски акции, со репресивна кампања и со краткорочни мерки на зголемена ефикасност на органите на гонење и на правосудните органи, туку со сеопфатни добро испланирани и координирани долгорочни активности“, рече министерката за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска, на минатонеделната конференција, што на оваа тема се одржа во Скопје. Претставниците на обвинителставата од земјите во регионот се заложија за координирани активности преку потпишување на меморандум за разбирање.

XS
SM
MD
LG