Сенатската комисија за односи со странство, со 16 гласови „за“ и 2 „против“, ја одобри номинацијата на Рајс за функцијата шеф на американската дипломатија. Финалното гласање во Сенатот по оваа точка ќе биде утре.
Против гласаше демократскиот сенатор од Калифорнија Барбара Боксер и сенаторот од федералната држава Масачусетс, Џон Кери. Овие сенатори беа најгласни критичари на политиката на актуелната администрација околу војната во Ирак.
„Факт е дека д-р Рајс е еден од главните архитекти, имплементатори и бранители на серијата ставови и одлуки на администрацијата, кои според мене, не ја направија нашата земја побезбедна, како што требаше да биде по терористичките напади на 11 септември 2001 и кои го отуѓија поголемиот дел од светот од нас.“
Влијателниот Демократ во Комисијата, сенаторот Џо Бајден од Делавер, се согласува дека има проблеми со политиката на администрацијата за Ирак, велејќи дека САД немаат повоен план за оваа земја. Иако со резерви, тој сепак гласаше во корист на номинацијата на г-ца Рајс на функцијата државен секретар, изразувајќи надеж дека како шеф на дипломатијата, таа ќе биде независен глас за американската надворешна политика и дека нема да се двоими и да биде искрена со претседателот Буш во однос на Ирак.
Сенаторот Џорџ Ален, Републиканец од федералната држава Вирџинија немаше дилеми дали да ја поддржи г-ца Рајс за функцијата:
„Кога ќе погледнете кон нејзината историја, нејзиното искуство и принцип, со почит барам од моите колеги да го потврдот изборот на претседателот Буш за државен секретар. Мислам дека нашата земја ќе се гордее со неа.“
Комисијата гласаше по дводневниот распит во Сенатот, при што Демократите ја критикуваа американската администрација што не била искрена со народот за причината да се оди во војна во Ирак, за трошоците за продолженото воено присуство таму и за немањето излезна стратегија.
Г-ца Рајс рече дека не е сигурна кога американските трупи ќе можат да се вратат дома и дека временскиот рок ќе зависи од способноста на Ирачаните самите да се борат против терористи.
Иако застана во одбрана на одлуката за соборување на Садам Хусеин од власт, таа призна дека администрацијата направила одредени грешки во однос на Ирак.
„Јас прва ќе кажам дека имаме донесено многу одлуки, некои добри, а некои лоши.“
Таа кажа дека трупите не биле не биле подготвени за тешката задача за повторна изградба на Ирак, како и тоа дека има проблеми со обуката на ирачките полицајци. Госпоѓица Рајс сепак подвлече дека администрацијата работи токму на овие прашања.
Денеска, кусо време по инаугурацијата на претседателот Буш за вториот мандат, се очекува законодавците да се соберат за да гласаат за нејзиното поставување на функцијата државен секретар на САД.