Линкови за пристапност

Македонскиот премиер најавува натамошна соработка со Трибуналот до донесувањето конечна одлука за случајот Бошковски - 2005-01-19


Ќе биде лошо за сите граѓани на Македонија и за идните генерации доколку понудиме испревртена слика за она што се случуваше во 2001 година, изјави премиерот Владо Бучковски, откако судскиот совет во Хаг побара сослушувања на дополнителни сведоци за случајот Љуботен, за кој се товари поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски.

„Веројатно обвинението кое е покренато не нуди доволно докази и веројатно судскиот совет бара дополнителна истрага за да се види каква ќе биде разрешницата. Јас не би сакал да прејудицирам во кој правец ќе одат одлуките, но уште еднаш повторувам, ќе биде искривување на поновата македонска историја ако заврши случајот во Хаг, со поведување во овој момент, само истрага, но не знам дали ќе заврши поинаку, со само за еден случај, кој во краен случај повторувам нуди поинаква слика од реалната слика што ја имавме во 2001 година“.

Барањето за сослушување на нови сведоци што од хашките судии во вторникот пристигна до македонското Министерство за правда покажува дека главната обвинителка Карла дел Понте во предвидениот рок за завршување на истрагите на Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија, 31 декември, потпишала обвинение против г-динот Бошковски, но судиите се тие кои одлучуваат дали ќе биде отворена судска постапка, за што не постои краен рок.

Премиерот Бучковски вели “Не би сакал да помислам дека така ќе заврши, дека приказната за воениот конфликт во 2001 година и злосторствата против човештвото ќе паднат само на грбот на поединците кои во тој момент беа припадници на регуларните полициски структури“, и најавува натамошна соработка со Трибуналот до донесувањето конечна одлука.

Претседателите на скопските основни судови Јованка Никодиновска и Бојан Ефремов, поранешниот државен обвинител Ставре Џиков и поранешниот шеф на обезбедувањето на починатиот претседател Борис Трајковски се четворицата сведоци со кои на 8 и 10 февруари во Скопје ќе разговараат хашките истражители од канцеларијата во Приштина. Никој од нив не знае со што би можел да помогне во истрагата ако се има предвид дека истражниот суд Скопје два не можел да изврши увид на местото на настанот за време на конфликтот во август 2001 година, а наодите од ексхумацијата и обдукцијата на десетте починати лица се доставени до Хаг.

„Потреба од една целосна објективна истрага која треба да се докаже пред кривичниот совет на Хашкиот трибунал. Тоа е една нова пракса, колку што мене ми е познато во однос на изведување на обвинителски судски дејствија во врска со постапување на предмети пред хашкиот трибунал“, изјави поранешниот државен обвинител Ставре Џиков кој во тоа време бил вклучен во истрагата пред Хаг да ги преземе ингеренциите за случајот.

XS
SM
MD
LG