Линкови за пристапност

Разговор со Тед Фергусон, претседател на конзорциумот АМБО: Конкретните работи на нафтоводот ќе започнат за три месеци  - 2005-01-18


Господине Фергусон, договорот е потпишан и додека средствата се собираат, кажете ни што е тоа што овој проект го прави попривлечен за инвеститорите од оној другиот, кој ги инволвира Романија, Србија и Хрватска?

Се работи за сосема различен нафтовод. Оној што е поврзан со Србија и Хрватска е снабдувачки, тоа е подолга рута од нашата и донесува сирова нафта на својот пат до рафинериите. Додека нашиот едноставно транспортира нафта од Црното море до пристаниште на Јадранското море, односно на Медитеранот. Тоа е извозен нафтовод и е најдиректна рута. Веруваме дека нашиот нафтовод е најдобра варијанта за извоз на нафта.

АМБО е американска компанија. Не значи ли проектот, на некој начин, ширење на американските интереси во Југоисточна Европа?

Без сомнение тоа ќе биде постигнато. Но тоа не е движечка сила за АМБО. АМБО е приватно финансирано претпријатие чија цел е да обезбеди услуга за нафтените компании да ја пласираат својата нафта на странски пазари. Се случи тоа многу добро да се поклопува со американските потреби, нов извор на нафта да биде доставен по економска цена до источната морска граница на САД, и би додал и североисточна Европа преку ротердамскиот влез.

Дали можете да ни наброите некои од вашите поддржувачи?

Не во овој момент. Би рекол само дека тоа ќе бидат приватни компании и не задолжително нафтени компании. Од нафтените компании единствено бараме да дадат нафта за овој нафтовод. На тоа работиме во моментов.

Користа за Македонија е несомнена, но од повисока перспектива дали овој проект не е конкуренција за бизнис-интересите на Европа?

Не, не мислам дека е. Зашто навистина нема алтернатива, освен Бургас-Александропулос нафтоводот, заради инволвираноста на Грција. Нашиот нафтовод нуди различна лепеза на бенефиции и за инвеститорите и за извезувачите на сирова нафта. Добрите страни за Македонија се очигледни, речиси веднаш ќе се зголеми вработеноста со самата изградба на нафтовот, а веднаш потоа ќе има вработувања во оперативната сфера на нафтоводот и услужните дејности што одат со тоа. Освен тоа ова е нов извор на енергија што Македонија би можела да го користи. За илустрација, во моментов скопската рафинерија се снабдува со сирова нафта од Солун, а нашиот нафтовод доаѓа многу блиску до рафинеријата ОКТА. Така тоа би можело да биде алтернативен снабдувач. Ќе биде поконкурентно и (Македонците) ќе можат да се снабдат со поефтината сирова нафта. Тоа е една предност, а освен тоа тука е и директниот профит, за кој ние проценуваме дека ќе биде 40 милиони долари годишно, само заради минувањето на нафтата низ државата.

Кога планирате дека ќе започне изградбата?

Потпишувањето на меморандумот меѓу државите иницираше почеток на работите за нас. Сега се работи на проценка на влијанието на нафтоводот врз животната средина. Иако ние имаме рута, но тоа повеќе е појас што треба да се стесни и планираме да започнеме со работите во наредните три месеци, по што ќе имаме година за нарачка на материјали, комплетирање на дизајнот и одредување контрактори и две години за изградба. Така три ипол години од денеска ќе имаме оперативен нафтовод.

XS
SM
MD
LG