Линкови за пристапност

На престојната инаугурација на претседателот Буш - најзасилено обезбедување досега  - 2005-01-14


Додека е во тек генералната проба пред американскиот Конгрес за давањето заклетва на претседателот на 20-ти овој месец, преземени се силни безбедносни мерки, како превенција од можен терористички напад.

Церемонијата и традиционалната парада ќе ја обезбедуваат преку 6.000 полицајци и воен персонал.

Во планот за обезбедување што е без преседан во Вашингтон, вклучени се преку 50 различни владини агенции и сето тоа во координација на првиот човек на Одделот за домашна безбедност, Том Риџ.

„Сакаме јавно да ве увериме дека локалната и федералната влада се мошне подготвени да одвратат каков било обид да се попречи оваа прослава на демократијата, да ги одвратат терористите и да го заштитат обележјето на нашите демократски и уставни традиции.“

Освен униформираната полиција и војска, на покривите на околните згради ќе бидат стационирани снајперисти, а специјалци измешани во толпата ќе бидат во состојба на готовност за реакција по знаци на евентуален терористички напад со хемиско, биолошко или радиолошко оружје.

За денот на инаугурацијата ќе биде прекинат сообраќајот на околу сто блока од зградата на Конгресот, а ќе биде воведена и зона на забранети летови на преку 80 километри над зградата.

Раководителот на Одделот за домашна безбедност, Том Риџ вели дека разузнавањето индицира оти нема специфична закана од тероризам за време на инаугурацијата на претседателот.

Мајкл О’Хенлон е експерт за прашања од националаната безбедност во Институтот Брукингс во Вашингтон. Тој вели дека терористичките групи како Ал Каида и натаму се активно заинтерисирани за поважните политички настани во САД.

„За жал, една заедничка мотивација за нив е нивната подготвеност да изведуваат самоубиствени напади, така што не верувам дека можете навистина да зборувате за лесно одвраќање на намерите на Ал-Каида. Сметам дека едноставно треба да ги стопирате тие намери и дека ние сме во позиција да спречиме координирани напади од огромни размери. Сепак не сум сигурен дека можеме да спречиме помали и можеби симултани и лабаво кооридинарани напади. Тоа е нашата грижа за Денот на инаугурација.“

Како дополнение на заканата од тероризам, обезбедувањето ќе внимава и на илјадниците демонстранти кои се очекува да бидат присутни додека трае инаугуративната парада.

Колиција од групи кои се противат на ставовите на администрацијата, организира различни протести кои главно ќе бидат фокусирани на инвазијата во Ирак под американско водство.

Активистот за мир Геил Марфи вели дека многумина од демонстрантите планираат да му го свртат грбот на претседателот, кога неговиот автомобил ќе се движи од зградата на Конгресот до Белата куќа.

„Ќе партиципираме во акцијата за мобилизација на 20-ти јануари за да ја покажеме нашата солидарност со милионите луѓе ширум земјата и светот кои стојат зад вредностите на мирот и социјалната правда.“

Том Риџ вели дека засега нема потреба од подигање на нивото на предострожност од можни терористички напади. Нивото во моментов е во жолтата зона што значи можна но не и непосредна закана од терористички напад.

XS
SM
MD
LG