Линкови за пристапност

Можност за повлекување на американските маринци од Ирак - 2005-01-12


Администрацијата на претседателот Џорџ Буш официјално објави дека потрагата по биолошко, хемиско и нуклеарно оружје во Ирак завршила. Портпаролот на Белата куќа Скот Меклилан синоќа изјави дека разузнавачките информации за магацини со илегално оружје, што инаку претседателот Буш ги наведуваше како причина да се поведе војната, биле погрешни. Портпаролот изјави дека претседателот назначил комисија која ќе ги истражи предвоените грешки на американското разузнавање.

Паралелно со ваквите информации од Белата куќа, американскиот државен секретар во оставка, Колин Пауел, изјави дека американските маринци во Ирак би требало да почнат да се повлекуваат уште годинава, откако ирачката армија и полиција ќе преземе поголема безбедносна улога во земјата. Во интервју за Националното радио, Пауел не сакаше да прецизира кога би започнало повлекувањето на 150-те илјади војници, но истакна дека тоа би започнало тогаш кога ќе се подобри безбедносната состојба. Тој додаде дека 14 милиони Ирачани се регистрирале да гласааат на парламентарните избори на 30-ти јануари и изрази надеж дека новата ирачка влада ќе биде одраз на волјата на Ирачаните.

Од актуелните или поранешни официјални лица на САД, реакција за случувањата во Ирак даде и поранешниот американски администратор Пол Бремер. Тој смета дека интервенцијатата под водство на САД за симнување на Садам Хусеин од власта, како и забраната членовите на неговата партија Баат да учествуваат во новта влада на Ирак, биле правилни одлуки. Во колумна во Вол Стрит Џурнал, Бремер ги брани овие одлуки и додава дека армијата и тајните служби на Садам Хусеин преку 30 години го тероризирале ирачкиот народ, и вели дека тие биле важни затоа што на Ирачаните ќе им покажат дека во „новиот Ирак“ нема да има место за репресија.

XS
SM
MD
LG