Линкови за пристапност

Палестински избори - 2005-01-10


Според првичните податоци Махмуд Абас е јасен победник во трката за палестински претседател. Соња Пејс за Гласот на Америка известува од Ерусалим дека гласачките места биле отворени дополнителни два часа со цел на гласачите да им се даде шанса да го дадат својот глас.

Според првите податоци кандидатот на Фатах Махмуд Абас води со 66 до 70 проценти од гласовите. Неговиот најблизок конкурент Мустафа Баргути добил околу 20 проценти.

Истражувањата на јавно мислење постојано покажуваа дека господинот Абас е во предност. Ако ова се потврди и во официјалните резултати што се очекуваат денеска, тоа на поранешниот премиер ќе му даде цврст мандат да поведе во политичките реформи и дипломатски напори за обновување на мировните разговори со Израел.

Во секој случај, палестинскиот кабинетски министер Набил Шаатх предупреди да не се очекува премногу и пребрзо:

"Не сакам луѓето да се чувствуваат премногу оптимистично“, вели господинот Шаатх. „Не мислам дека утре ќе добиеме независна држава. Ќе треба време и труд, и од наша страна, но секако и на страна на меѓународната заедница која треба да го натера Израел да се определи за мапата кон мирот и да ги повлече своите сили од нашата земја."

Израелскиот министер за надворешни работи Силван Шалом вели дека Израел очекува новиот палестински претседател да прифати целосна одговорност дека палаестинците ќе истраат во својата определба за враќање кон мировниот процес. „Од утре,ние би сакале да видиме дека Палестинците ги имплементираат своите обврски од мапата кон мирот, во фазата број еден. Нема да има никакви скратени патеки на таа мапа, нема да има компромиси ниту олеснувања", кажа тој.

Палестинскиот премиер Ахмед Куреја, кој се очекува да го задржи местото и во новата администрација, вели дека изборите демонстрираат дека палестинската определба е демократија:

"Нашиот народ сака да му покаже на светот, на целиот свет, кој мисли дека во регионот има една демократија и дека тоа е Израел. Ова е нашата порака: ние исто така сме демократски народ и ние сакаме демократија."

Гласачките места требаше да бидат затворени во 7 часот навечер, но беа отворени подолго за да може повеќе луѓе да го дадат гласот.

Се на се, гласањето во неделата мина без проблеми и одзивот на гласачите се проценува на околу 65 проценти. Имаше извештаи за некои проблеми во Источен Ерусалим, каде имало забуна и долги редици на глсачките места.

XS
SM
MD
LG