Колин Пауел во посета на погодените земји од цунамите
Американскиот државен секретар Колин Пауел по посетата на регионот погоден од цунамите, изрази шокираност од причинетата штета.
По обиколката на најсилно погодената област, индонезиската провинција Ачех, г-динот Пауел изјави дека никогаш немал видено таква катастрофа.
Се претпоставува дека бројот на жртвите од природната катастрофа во Индонезија изнесува 100.000.
Секретарот Пауел го посети и Тајланд, а в петок се очекува да биде во Шри Ланка, каде од налетот на цунамите загинаа 30.000, а речиси милион останаа без покрив над главата.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација и натаму предупредува на појава на болести како колера, поради недостаток на чиста вода за пиење.
Австралија засега најголем донатор за настраданите во природната катастрофа
Австралија стана најголемиот донатор за настраданите во катастофата во Јужна Азија, ветувајќи помош од 760 милиони долари во рок од пет години.
Ова беше соопштено денеска, само неколку часа откако Германија кажа дека ќе додели 674 милиони долари, нешто што ОН го нарекоа најголема хуманитарна операција во историјата.
Германската помош дојде како изненадување за Јапонија која вети помош во висина од 500 милиони, а САД 350 милиони долари.
Генералниот секретар на ОН Кофи Анан, за време на утрешниот самит во Џакарта, на кој акцент ќе биде ставен на координарање на хуманитарните напори, се очекува повторно да ја повика меѓународната заедница за помош на погодените подрачја во Јужна Азија и делови од Африка.
Европа им оддаде почит на жртвите во Јужна Азија
Европа со три минутно молчење им оддаде почит на жртвите од природната катастрофа што ја зафати Јужна Азија.
Во повеќето европски земји знамињата беа на пола копје, а денешната телевизиска програма беше за кратко прекината. Во знак на почит за настраданите прекинат беше и јавниот сообраќај.
Во седиштето на ЕУ во Брисел, пред редовната сесија евро-парламентарците одржаа едноминутно молчење.
Британскиот премиер Тони Блер за британското радио изјави дека неговата влада веројтно ќе донира неколку стотици милиони долари помош за погодените земји од цунамите.
Ијад Алави – Изборите ќе се одржат и покрај секојдневните немири
Ирачкиот преоден премир Ијад Алави вели дека насилството, терористите и безаконието нема да го спречат одржувањето на изборите закажани за 30 јануари и покрај секојдневните немири.
За време на денешната експлозија на автомобил-бомба пред полициска академија во Хилта, јужно од Багдад, загинале најмалку 15 лица.
Неколку часа претходно, во западен Багдад од бомбашки напад врз воен конвој загинале двајца ирачки цивили. Одговорноста за овој инцидент ја презеде Армијата Ансар Ал-Суна.
Во Рамади, четворица цивили загинале за време на престрелката меѓу американските трупи и бинтовниците, а на север, во Бакуба, шест лица загинале во самоубиствен бомбашки напад врз ирачки контролен пункт.
Иран – Нуклеарна програма
Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи вели дека Иран се согласил да им дозволи на инспекторите да извршат увид на воен објект за кој САД велат е поврзан со тајна програма за нуклеарно оружје.
Г-динот ЕлБарадеи денеска во Виена соопшти дека инспекторите на ОН се очекува да го посетат воениот комплекс Парчин, кој се наоѓа на околу 30 километри југоисточно од Техеран, за неколку дена или недели.
САД се сомневаат дека иранската армија можно е да е вмешана во истражувања за нуклеарно оружје. Иран тврди дека неговите нуклеарни активности се за мирнодопски цели и дека армијата не е вмешана во нив.