Линкови за пристапност

Македонска помош за Југоисточна Азија - 2005-01-05


Македонската влада денеска ќе одлучува каков вид на помош и на кој начин таа ќе биде доставена до настраданите во подрачјата во Југоисточна Азија погодени од земјотресот и цунамите. Според најавите, помошта ќе се состои од лекарски тимови, лекови и медицински материјал, чија вредност според првичните проценки ќе достигне еден милион евра.

Црвениот крст на Македонија, Мобимак и повеќе македонски фирми веќе започнаа акции за собирање на средства за загрозените подрачја, но Владата треба да одлучи на кој начин тие ќе бидат доставени. Вчера градоначалникот на Скопје Ристо Пенов најави вклучување на градските власти во хуманитарната акција.

„Ние сме во координација со Владата и со Црвениот крст за организиарање на помошта, но ги чекаме инструкциите дали да учествуваме со материјална или финансиска помош“, рече г-динот Пенов. „Јас на Советот ќе му предложам средствата кои што ги заштедивме затоа што не потрошивме ниту денар во организацијата на Новата година, а вообичаено чинеше милион и пол денари, овој пат да ги намениме за настраданите во овие подрачја.“

Македонија не е во групата на земјите кои пружаат првична помош при серозни светски катастрофи, поради немањето на соодветни екипи, ниту соодветна опрема за тоа. Македонскиот Црвен крст преку Фондот за солидарност досега има собрано над 200.000 денари од граѓаните и фирмите, а Мобилниот оператор Мобмак отвори посебна телефонска линија за добротворен прилог за настраданите во земјотресот и цунамите во азискиот регион. Во оваа акција се вклучија и фармацевтски фирми.

„Зегин одделува помош во лекарства, медицински потрошен материјал, медицински помагала, храна за деца, друг санитетски и превентивен материјал во вредност од 500.000 евра“, вели сопственикот на Зегин, Благоја Механиџиски.

Исто толкава е и донацијата на Медиумската групација ВАЦ, доминантен сопственик на трите дневни весници во Македонија - Вест, Дневник и Утрински весник. Засега не се знае ниту како оваа помош ќе биде составена до настраданите подрачја. Од Црвениот крст се надеваат дека оваа помош ќе замине заедно со онаа од Владата, според најавите авионски, иако не ја исклучуваат можноста таа до Индија да биде транспортирана со камиони за што ќе бидат потребни 3 до 4 дена.

XS
SM
MD
LG