Линкови за пристапност

Евроинтеграцијата на Македонија во 2005 година - 2005-01-03


2005 година ќе биде исклучително важна за Македонија во однос на евроинтеграциите. До 31 јануари одговорите на европрашалникот треба да бидат испратени до Брисел, а до крајот на годината македонските власти се надеваат на добивање на статусот земја- кандидат за членство во ЕУ.

„Очекуваме мислењето да биде готово до септември - октомври, а во меѓувреме секторот за евроинтеграција ќе се фокусира на дообјаснување и дополнување на одоговорите и сето она што ќе биде побарано од страна на ЕК. До крајот на 2005 година ќе го стекнеме и статусот на земја-кандидат . Тоа е нашата цел и убедени сме дека со нашите активности ќе докажеме дека таа цел е и остварлива“, вели Драган Тилев, раководител на владиниот сектор за евроинтеграција.

Во меѓувреме, се одвива и процесот на усогласување на македонското законодавство со европското, кое според г-динот Тилев се одвива според националната програма за усогласување на законодавството. Во текот на оваа година се очекува и трансформација на секторот за европска интеграција во посебна правна и буџетска институција - Секретаријат за европски прашања.

2005 година ќе биде посветена и на подготовките за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

“Она што ќе ни биде во фокусот на интерес за наредната година ќе биде и, би рекол, навремен почеток на подготовките за формирање на преговарачките структури, тоа значи преговарачките тимови, и обезбедува ње на една координирана подговтовка за очекуваните преговори во 2006 година“, објаснува Драган Тилев.

Европеизацијата на Македонија ќе биде главна цел на активностите и на невладиниот сектор во 2005 година. Граѓанските организации најавуваат подобрување на нивниот квалитет за да можат од една страна да бидат коректив на власта, а од друга страна да преземат дел од товарот во процесот на приближување на Македонија кон Европа.

XS
SM
MD
LG