Линкови за пристапност

САД - национална кампања за приватни донации за погодените од земјотресот во Индискиот Океан - 2005-01-03


Претседателот Буш изјави дека со добротворната акција ќе раководат двајца поранешни претседатели – неговиот татко, Џорџ Херберт Вокер Буш и последниот претседател од Демократската партија – Бил Клинтон.

Придружуван од обајцата во Белата куќа, Буш изјави дека им е благодарен што презеле толку важна одговорност.

„Во наредните денови, претседателите Клинтон и Буш ќе побараат од Американците да донираат директно во веќе вклучените хуманитарни организации кои овозможуваат помош за жртвите од цунамите. Многу од организациите имаат испратено експерти во погодените области. Тие имаат разбирање за основните потреби на на теренот“, рече американскиот претседател.

Тој подвлече дека Американците веќе ја покажале својата великодушност преку донации до хуманитарните организации. Претседателот Буш на новата акција гледа како на дополнение на официјалната американска помош.

„Од нашето искуство, знаеме дека ништо не може да ја отстрани болката на погодените од трагедијата. Исто така знаеме дека Американците многупати порано покажале дека знаат да соберат средства за да одговорат на големи хуманитарни предизвици и така да пружат надеж за страдалниците. Во време кога луѓето во погодените региони започнаа со обновата, им нудиме наше трајно сочувство, широкоградост и гаранција дека Америка ќе биде таму да им помогне“ кажа претседателот на церемонијата во Белата куќа.

Тој минатата недела вети 350 милиони долари помош за погодените држави. Тоа е десетпати повеќе од првично назначената помош што изнесуваше 35 милиони долари. Првичната сума стана цел на критики, имајќи ја во предвид, големината и благосостојбата на САД, споредено со другите донации на земјите. Претседателот Буш беше директно критикуван затоа што не го прекина одморот во Тексас и не се врати веднаш во Вашингтон за да реагира на природната катастрофа во Јужна Азија.

По враќањето во Белата куќа, тој ја започна првата работна недела од годината со акцент на обезбедување помош за погодените подрачја. Американска делегација веќе се наоѓа во регионот, преводена од државниот секретар Колин Пауел и гувернерот на Флорида, Џеб Буш.

Откако ја најавија новата иницијатива за добротворни донации, претседателот Џорџ Буш и поранешните претседатели Буш и Клинтон ги посетија амбасадите на Индија, Индонезија, Шри Ланка и Тајланд во Вашингтон, каде се потпишаа во книгите на жалост за загинатите.

XS
SM
MD
LG