Линкови за пристапност

Хуманитарната помош за погодените од подводниот земјотрес во Азија зема замав - 2005-01-03


Американскиот државен секретар синоќа реагираше на критиките дека помошта што Вашингтон ја дал за олеснување на последиците од катастрофата во Азија не е доволно голема. САД одвоија 350 милиони долари за таа цел. Но, секретарот Пауел вели дека севкупната американска помош ја надминува таа сума. „Покрај 350-те милиони долари, Пентагон потроши десетици милиони долари, бидејќи распоредивме две групи носачи на авиони во регионот што даваат помош. Исто така, и приватните донации се доста значајни“, кажа секретарот Пауел.

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан процени дека ќе бидат потребни години некои од погодените земји да се опорават. „Зависно од земјата, но најверојатно од пет до десет години и милијарди долари, бидејќи разурнувањето е неверојатно големо“, рече Кофи Анан.

Дејвид Набаро од Светската здравствена организација смета дека хуманитарните организации од многуте предизвици најнапред треба да ги згрижат повредените, а потоа да обезбедат чиста вода за пиење и санитарни услови. Организацијата стравува од избивање на колера и дизентерија, но засега нема пријавени случаи.

Претставникот на ОН задолжен за координирање на хуманитарната помош, Јан Егланд, проценува дека на вкупно 1,8 милиони луѓе во Јужна Азија и Источна Африка им е потребна помош во храна.

XS
SM
MD
LG