Линкови за пристапност

vesti 29 - 2004-12-29


Хуманитарна помош - Јужна Азија

Осум дена по подводниот земјотрес во Индискиот Океан што ги опустоши крајбрежните држави на Јужна Азија и Источна Африка, хуманитарната акција за помош на настраданите зема замав.

Властите во најтешко погодената земја – Индонезија денес го коригираа бројот на жртви што нарасна на 94.000 потврдени случаи. Вкупниот број на загинати во погодените држави изнесува околу 145 илјади.

Американските морнарички хеликоптери исфрлаат храна и спасуваат преживеани во делови на опустошената индонезиска покраина Ачех. Хуманитарни работници и австралиската армија на теренот воспоставија станици за помош и чиста вода за пиење. Здравствените работници предупредуваат дека недостатокот на чиста вода може да доведе до избивање на заразни болести.

Хуманитарните операции земаат замав и во Шри Ланка, Индија, Малдивите и Сомалија. Според Обединетите нации, на околу два милиони луѓе им е потребна помош во храна.

Светските лидери во четврток ќе се сретнат во главниот град на Индонезија, Џакарта, во врска со хуманитарната помош и обновата на погодените подрачја.

Од американска страна на самитот ќе учествува државниот секретар Колин Пауел. Тој денес треба да пристигне во Банкок и има закажано посети на опустошени подрачја во Тајланд и Индонезија.

Ирак - напади на бомбаши-самоубијци

Најмалку три лица денес загинаа во самоубиствен напад со автомобил-бомба во Багдад, во близина на седиштето на политичката партија на премиерот Ијад Алави, а преку дваесет се ранети.

Неколку часови подоцна, во непосредна близина се случи друга експлозија на автомобил-бомба, но засега нема податоци за жртви.

Северно од Багдад, во одвоен напад со автомобил-бомба на контролен пункт во близина на американска база загинаа 4 припадници на ирачката гарда, а беа повредени 14 лица, соопштија американски официјални претставници.

Безбедносни претставници очекуваат пораст на бунтовничките напади со приближувањето на ирачките избори закажани за 30 јануари.

Авганистан - судири

Американската армија во Авганистан соопшти дека утрово еден војник загинал, а тројца биле повредени во судир со милитантите во источната покраина Кунар.

Портпаролот Марк мек Кан на новинарите во Кабул им кажа дека до судирот дошло крај градот Асадабад, во близина на пакистанската граница. Тој рече дека милитантите најпрвин детонирале две рачно направени бомби, а потоа отвориле оган врз американските сили.

Вчера, еден американски војник и еден Авганистанец загинаа во судир во западната покраина Херат.

Хрватска - претседателски избори

Актуелниот хрватски претседател Стипе Месиќ не успеа во првиот круг на изборите да обезбеди втор мандат на функцијата. Вториот круг на гласање е закажан за 16 јануари.

Месиќ освои 49 отсто гласови, само еден помалку од неопходниот процент.

Реформскиот претседател во вториот круг ќе се соочи со Јадранка Косор, која во неделата ја доби довербата на 20 отсто избирачи. Таа е актуелен заменик-премиер во хрватската влада.

Обајцата кандидати имаат цел да ја внесат Хрватска во ЕУ во 2007-ма година. САД - Блиски Исток

Виш американски дипломат најави дека американски, турски и ирачки претставници наскоро ќе се сретнат во врска со турските курдски бунтовници кои имаат бази во северен Ирак.

Американскиот заменик-државен секретар Ричар Армитиџ изрази надеж дека сосотанокот би можел да се одржи во Анкара, каде денес тој се сретна со турскиот министер за надворешни работи Абдула Гул.

Турција побара од САД да се пресметаат со припадниците на Курдската работничка партија кои се наоѓаат во Ирак - забранета групација која водеше борба против турските власти со цел да воспостави независна курдска држава. Американските сили во Ирак досега немаат преземено акција против проценетиот број од 5.000 бунтовници кои се кријат во ирачките планини на север од земјата.

Заменик-секретарот Армитиџ е на петдневна турнеја на чиј дневен ред се изборите во Ирак закажани за 30 јануари. Тој веќе ги посети Ирак и Сирија, а од Турција заминува за Јордан.

XS
SM
MD
LG