Линкови за пристапност

Украинската изборна комисија потврди дека премиерот Јанукович поднел жалба за прелиминарните резултати од повторувањето на вториот круг претседателски избори - 2004-12-29


Украинската централна изборна комисија потврди дека премиерот Јанукович поднел жалба за прелиминарните резултати на изборите во сите општини, цитирајќи како причина масовна манипулација на избирачите и измама.

Локалните медиуми во Киев пренесуваат видео снимки како Јанукович и неговите блиски соработници вложуваат жалба кај Централната изборна комисија, која треба во рок од два дена да ги разгледа поплаките. Ако ги отфрли неговите укажувања, тој ќе биде упатен на највисоката инстанца – Врховниот суд на Украина.

Јанукович одби да го признае поразот и ќе ги искористи сите законски средства што му стојат на располагање, како што тоа го стори неговиот изборен противник Јушченко по првото прегласување. Портпаролот на Јанукович кажа дека тоа ќе биде веќе видена ситуација за Комисијата, за Врховниот суд и за украинскиот народ.

Многу аналитичари се сомневаат дека Јанукович ќе успее да направи пресврт во ситуацијата, заради големата разлика во гласовите меѓу него и опозициониот кандидат. Резултатите кои треба да бидат верификувани покажуваат предност за прореформскиот Јушченко од 11 поени во однос на господинот Јанукович, кој кампањата ја водеше на картата за продолжување на цврстите врски со Русија.

Јушченко ги праша десетиците илјади симпатизери кои се собраа на Централниот плоштад на независноста во Киев, како е можно владата на Јанукович, на која минатиот месец и беше изгласана недоверба, да не ја почитува одлуката на Парламентот?

Јушченко кажа дека планираната средба на владата во средата е незаконска и ги повика приврзениците да го спречат пристапот до владината зграда.

Опозиционерите се огласија со тоа и формираа човечки ѕид околу владините институции, но за разлика од поранешните блокади, овој пат на многу владини службеници им беше дозволено да влезат. Неколку часа подоцна, портпаролот на Јанукович објави дека средбата на Кабинетот е откажана.

Во меѓувреме, стотици граѓани на Киев кои кампуваа во центарот на Киев почнаа да заминуваат отстапувајќи место на подготовките за новогодишната прослава и инаугуративните активности. Но, демонстрантите велат дека ќе се вратат на плоштадот, ако политичките настани се свртат против Јушченко.

Според долгогодишната традиција, прославата на новогодишната ноќ во петок треба да донесе и обраќање на претседателот. Прашањето што многумина Украинци си го поставуваат е кој ќе им се обрати? Претседателот кој заминува од функцијата, Леонид Кучма или очигледниот победник на повторувањето на вториот круг гласање, Јушченко.

XS
SM
MD
LG