Линкови за пристапност

Американската помош за погоденото подрачје достигна 35 милиони долари  - 2004-12-28


Американската помош за катастрофалниот земјотрес и цунамите до сега изнесуваше околу 15 милиони долари, а вчера беше најавено дополнување до сумата од 35 милиони долари. Официјални лица истакнаа дека помошта ќе биде и поголема откако ќе се направи попрецизна проценка на штетата.

Ова е американскиот одговор по забелешките на потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања, Јан Егеланд, кој во понеделникот кажа дека САД и останатите богати нации биле „скржави“ во донациите.

Државниот секретар Колин Пауел за ова зборуваше вчера кога се појави дури на пет ТВ-мрежи на утринските програми.

Тој изјави дека помошта од САД е далеку од скржава, и дека земјата е најголем придонесувач на меѓународната помош при катастрофи, во разни програми за борба против СИДАта и за намалување на гладта во светот. Првичната помош за штетите од цунамите се само почеток, најави Пауел.

Пауел за програмата на Ен-Би-Си кажа дека разговарал со сите министри за надворешни работи од погодените земји и им пренел да ги информираат локалните амбасади на САД за помошта која им е потребна:

„Треба да почекаме и да видиме кои се нивните потреби. Јасно е дека САД ќе бидат најголем продонесувач на меѓународните напори. Да, помошта ќе биде во милијарди долари. Урнати се цели села, однесени училишта, но потребно е време да разбереме кои се вистинските потреби“, кажа американскиот државен секретар.

Американската агенција за меѓународен развој испрати повеќе од 20 експерти за катастрофи во погодените држави. Пацифичката команда на американската армија исто така одговори; испрати девет патролирачки авиони да помогнат во операциите за спасување, а 12 карго-авиони беа испратени да транспортираат хуманитарни материјали.

Земјотресот и цунамите спречија стотици Американци да ги минат новогодишните празници во одморалишта на брегот на Индискиот океан. Секретарот Пауел кажа дека досега се потврдени 11 Американци кои го загубиле животот, а на неколкумина други кои се повредени им е пружена лекарска помош.

XS
SM
MD
LG