Линкови за пристапност

Не е познат негативниот ефект на азиските економии по вчерашната катастрофа - 2004-12-27


Со сите напори фокусирани на спасување на преживеаните и обезбедување грижа за повредените, владите и немаат време да обрнат внимание на економските штети.

Во Азиската банка за развој, непрофитна институција со седиште во Манила, велат дека ќе бидат потребни денови, пред да се направи точната проценка за штетата нанесена на азиските пазари. Портпаролот на банката, Иан Гил вели дека фокусот е ставен на помошта за опоравување.

„Вообичаено обезбедуваме итна помош за рехабилитација на економиите по катастрофи како оваа. Сме имале вакво искуство и во минатото и она што можам да кажам е дека од нас се очекува повторно да обезбедиме помош.“

Според најавите, претставници на банката денеска се очекува да изготват нацрт-план за помош на погодените земји.

Џон Колдовски, портпарол на Пацифичко-азиската асоцијација за туризам, вели дека нема сомнение оти туризмот во регионот ќе претрпи тешки последици и тоа со различно ниво. Во Индија, ефектот ќе биде умерен, бидејќи брановите цунами погодија мал дел од земјата, а туристичките дестинации се безбедни.

Од друга страна, Малдивите, мала земја составена од околу 1.200 острови на Индискиот Океан, претрпе огромни штети од поплавите, а огромен дел од економијата се потпира на туризмот.

Г-динот Колдовски вели дека индустријата се очекува да се опорави за релативно кусо време.

„Веруваме и тоа сме го виделе порано, дека без оглед на видот на трагедијата, со тек на време се јавува позитивен тренд. До одреден степен тоа зависи од брзината со која погоните можат да се вратат на нормално функционирање.“

Како последица на несреќата, забележан е пад на азиските берзи, а акциите на компаниите директно поврзани со туризмот беа најмногу погодени. Меѓу нив се неколку авиокомпании и хотели во Сингапур и Тајланд.

Целосниот ефект од природната катастрофа на азиските економии ќе биде познат денеска, кога по празничните одмори, берзите во Сингапур, Хонконг и Австралија ќе бидат повторно отворени.

XS
SM
MD
LG