Линкови за пристапност

Божиќ во Америка - 2004-12-24


Измешано со мирисот на печени костени на Петтата авенија и звоното на голем број луѓе облечени како Дедо Мраз од познатата добротворна организација Salvation Army пред големите стоковни куќи на Големото Јаболко, појавувањето на Фондот на Њујорк Тајмс за оние во најголема нужда, е уште еден знак дека празниците се тука. Секој ден, меѓу 1 ноември и крајот на јануари, весникот Њујорк Тајмс на истакнато место профилира случаи на околу 90 лица кои ги напуштила среќата, но на кои може да им се помогне преку великодушноста на читателите.

"Мислам дека обединувачкиот дух овде е оној на граѓанската свест."

Тоа е Џек Розентал, кој го администрира Фондот за оние на кои помош им е најпотребна, за фондацијата на Њујорк Тајмс. Тој вели дека Фондот бил зачнат на Божиќ 1911, кога издавачот на весникот Алфред Окс излегол да се прошета по голема вечера од мисирка. Му пришол гладен човек кој побарал пари за храна. Господин Окс му дал.

"За следниот Божиќ тој побарал од вработените да излезат надвор и да најдат 100 случаи на кои помош им е најпотребна во Њујорк и да ја напишат нивната приказна, сигурен дека Њујорчаните, кога информацијата ќе им се презентира, ќе реагираат. Тоа до денес останува духот што го анимира овој Фонд. "

Фондот примил преку 200 милиони долари во своето 93-годишно постоење. Донаторите се разнолики како што е самиот Њујорк. Вирџинија Мајлс е Еврејка, и таа дава прилог секоја година од 1928 година, кога имала 12 години и испратила десет центи.

"Има поговорка на Хибру – Поправи го светот! . Тоа е она што Евреите треба да го прават. И мој начин на поправање на светот е да се обидам да им дадам на оние кои немаат. Секогаш со голем интерес читам за Фондот во Њујорк Тајмс. Некои од случаите се трогателни. Чувствувам дека на овој начин можам да им помогнам на овие луѓе повторно да застанат на нозе."

Застанувањето на нозе за Бубакар Трореј, кој е од Западна Африка и ја загубил ногата од гангрена по тортура во западноафрикански затвор, значи враќање на гордоста.

Во Централ Парк најголемиот дел од џогерите трчаат безгрижно.

Господинот Трореј научил да трча и да се натпреварува со вештачка нога.

Тој успеал да стигне до Америка и да добие азил во 2003. Потоа добил пари од Фондот на Њујорк Тајмс со кои ја платил станарината и превозот за три месеци. Тој уште се надева дека публицитетот од весникот ќе му помогне да најде спонзор што ќе му помогне да оди на универзитет и да го реализира својот Американски сон.

Случаите презентирани во Њујорк Тајмс допираат многу луѓе, а тоа е токму она што се сакало да се произведе. Освен тоа, програмата во многу нешто се поклопува со длабоко всадената традиција во САД за добротворно ангажирање. Минатата година Американците дале над 240 милијарди долари во добротворни прилози.

XS
SM
MD
LG