Линкови за пристапност

Претседателот Буш на поранешни официјални лица им го додели Медалот на слободата како највисока почест за цивили - 2004-12-14


Добитници на оваа награда се поранешниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет, поранешниот американски администратор во Ирак, Пол Бремер и поранешниот американски командант во Ирак, Томи Френкс.

„Тројцата го симболизираат достоинството на јавната служба, добронамерноста на нашата земја и доброто влијание на Америка во светот, истакна претседателот Буш.“

Џорџ Тенет годинава поднесе оставка на функцијата. Тој наводно на членовите на администрацијата им рекол дека разузнавачките информации за ирачкото оружје за масовно уништување се сигурен погодок. По соборувањето на режимот на Садам Хусеин, американските инспектори не открија такво оружје. Сепак, за време на доделувањето на медалите не стана збор за потфрлањето на американото разузнавање, туку претседателот ги пофали напорите на Тенет во борбата против тероризмот.

Со трансферот на власта на ирачката преодна влада, заврши и мандатот на американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер кој јавно го покрена прашањето за тоа дали се доволно американските сили стационирани во Ирак за задачата што треба да ја завршат и беше критикуван за планирањето на повоената транзиција на власта во земјата каде се уште има насилство.

Претседателот Буш сепак се заблагодари за улогата на Бремер, кого го викаа Џери, за создавање услови за одржување на престојните избори во Ирак.

„Џери ќе биде запаметен по одлично завршената работа во поставувањето на основите за нова демократија на Блискиот Исток.“

Томи Френкс бил два пати ранет во Виетнам и бил на служба за време на Заливската војна, но претседателот истакна дека најголемиот предизвик и улога на овој поранешен војник е кога ја презел командата на американските трупи во Ирак и Авганистан по терористичките напади врз САД во 2001.

Традицијата на доделување на Претседателскиот медал на слободата ја започна поранешниот американски претседател Хари Труман во 1950-те години, во знак на благодарност за придонесот на цивилите за американските интереси, за светскиот мир или за активности од областа на културата. Меѓу поранешните добитници на оваа награда се Папата Јован Павле Втори и поранешниот Генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

XS
SM
MD
LG