Пауел - Европа
Американскиот државен секретар Колин Пауел се наоѓа во Хаг на разговори со претставници на ЕУ за политичката криза во Украина, ситуацијата во Ирак и за други прашања од меѓународен интерес.
Г-динот Пауел оствари средба и со министерот за надворешни работи на Холандија Бернард Бот, чија земја се наоѓа на ротирачкото претседателство на ЕУ. Холандија има свои трупи во Ирак како дел од коалицијата под американско водство. Вчера, холандската влада најави дека ќе испрати дополнителен персонал во Ирак како дел од напорите за непречено одвивање на обуката што во земјата ја обезбедува НАТО.
Опек
ОПЕК се согласи да го поддржи падот на цената на нафтата, преку намалување на производството за околу четири проценти, што претставува еден милион барели дневнно.
Денешната одлука во Каиро уследи по намалување на цената на нафтата од преку 55 долари во средината на октомври, до актуелните над 40 долари. ОПЕК вели дека намалувањето на производството на нафтата ќе започне на 1 јануари.
ОПЕК произведува околу 40 проценти од светската нафта.
Израел
Израелскиот премиер Ариел Шарон ја покани опозиционата Лабуристичка партија да отпочне разговори за формирање на заедничка влада.
Г-динот Шарон ова го кажа денеска во телефонскиот разговор со неговиот идеолошки ривал Шимон Перес. Премиерот вчера доби одобрение од неговата партија Ликуд за промени во владечката коалиција.
Пред четири месеци Ликуд му забрани на Шарон да разговара со Лабуристите, но го промени ставот откако премиерот се закани дека ќе распише нови избори, доколку не му се даде овластување да формира нова коалиција.
Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека поголемиот дел од Израелците ја поддржуваат идејата за повлекување на Израел од Газа.
Интеграцијата на Лабуристичката партија во коалиционата влада можно е да го забрза реализирањето на планот на Ариел Шарон, до наредната година, да се евакуира 21-та еврејска населба во Газа и четирите на Западниот Брег.
Израел - Палестинци
Израелските трупи усмртиле седумгодишно палестинско девојче во Појасот Газа, откако милитантите извршиле вооружен напад врз околна еврејска населба.
Официјалните лица велат дека конфликтот започнал кога милитантите од бегалскиот камп Кан Јунис испукале три гранати во населбата, при што биле повредени четворица Израелци, вклучувајќи едно дете.
Како одговор, израелската армија пукала кон бегалскиот камп кон локација од каде верувала дека потекнувал нападот, но притоа граната погодила куќа, при што загинало 7-годишното девојче.
Ирак
Ирачката изборна комисија го продолжи рокот за да можат до наредната среда партиите да ги регистрираат своите кандидати за изборите закажани за 30 јануари.
Рокот за регистрирање на кандидатите беше до денеска, но вчера ирачките Шиити поддржани од Големиот Ајатолах Али Ал-Систани, презентираа листа од 228 кандидати од различни етнички и верски групи.
Суните повикуваа на одложување и бојкотирање на гласањето и сега имаат дополнителени пет дена за да одлучат дали ќе учествуваат во изборите.
Во меѓувреме, американската армија денеска изјави дека за време на вчерашниот инцидент со два хелихоптера во северен Ирак, загинале двајца американски војници, а четворица се повредени.
ЕУ за иранското нуклеарно прашање
Дипломатите во Брисел велат дека министрите з анадворешни работи на Британија, Франција и Германија в понеделник ќе се сретнат со висок ирански претставник за нуклеарни прашања, на разговори за долгорочен договор за соработка.
Високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана ќе присуствува на овие преговори. Се очекува Европа на Иран да му понуди пакет економска помош и политичка поддршка во замена за перманентно запирање на активностите за збогатување на ураниумот.
Минатиот месец Иран се согласи на привремен прекин на овие активности во обид предметот за иранската нуклеарна програма да биде предаден во надлежност на Советот за безбедност на ОН за можно воведување на санкции.