Линкови за пристапност

Речиси комплетиран составот на новиот американски кабинет - 2004-12-09


Девет од 15 секретари од првиот мандат на претседателот си заминуваат од функциите, вклучувајќи ги државниот секретар Колин Пауел, и Томи Томсон, одговорен за ресорот здравство и здравствени услуги.

Најнов меѓу новопредложените членови на владиниот кабинет, кои треба да бидат потврдени од Сенатот, е Џим Николсон, на чело на владиниот оддел одговорен за американските воени ветерани.

Најзабележително е сепак заминувањето на државниот секретар Колин Пауел и назначувањето на негов наследник – актуелниот советник за национална безбедност, Кондолиза Рајс.

Меѓу шестмината кои остануваат во кабинетот се и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и секретарот за финансии Џон Сноу.

Претседателот Буш вели дека со новиот состав ќе врши притисок за промени од внатрешната политика, како реформи на даночниот систем и пензискиот план.

„Чувствувам дека е потребно да се спроведе агендата за која на американскиот народ му посочив дека ќе ја спроведам. Кога по стотици говори, по три претседателски дебати и интервјуа на луѓето им ги повторувате истите нешта, и кога ќе победите, тогаш имате чувство дека тој народ се изјаснил и го поддржил вашиот став. Тоа е она што сакам да го кажам пред Конгресот.“

Некои промени во кабинетот беа и очекувани. Според политичкиот експерт од Универзитетот Џорџ Мејсон, Џереми Мејер, не секој сака да продолжи со истото темпо и во наредните четири години.

„Секој член на кабинетот, без оглед дали претседател е Буш или Клинтон, постојано се соочува со 24 часовна работа, седум дена во неделата. Тоа е работа што бескрајно конзумирање на времето.“

Некои аналитичари велат дека биле изненадени од обемот на промените во претседателскиот кабинет. Фред Барнс, кој е уредник во списанието „Неделен стандард“, вели дека со овој чекор Белата куќа ќе има подиректно влијание во различни владини оддели.

„Има повеќе промени одошто очекував и претседателот Буш сака да има цврста контрола врз целата администрација. Тоа е очигледно една од причините зошто помошниците од Белата куќа ги распореди во Стејт департментот и Одделот за правда. Сметам дека ќе бидеме сведоци на поцврста контрола врз администрацијата во споредба со првиот мандат“.

Аналитичарот на американската политичка сцена, Џон Фортиер од Ентерпрајс институтот во Вашингтон, за Гласот на Америка изјави дека таквата контрола е позитивен чекор.

„Поставувањето на функциите на оние кои беа мошне блиски до политиката од првиот мандат, мошне блиски соработници на претседателот, значи дека тој ќе има поголеми шанси за иницијативи во овие Оддели. Сметам дека тоа е добар чекор. За некој кој би дошол однадвор ќе биде потешко да ја спроведе програмата на Буш, споредено со неговите инсајдери.“

Промените во кабинетот на претседателот Буш се доста обемни, споредено со оние од поновата историја. Девет промени на кабинетските места пред него направил само Ричард Никсон, додека Бил Клинтон и Роналд Реган смениле седумина членови во своите кабинети.

XS
SM
MD
LG