Украина
Украинската опозиција ја прекина блокадата на владините згради, неколку часа откако парламентот ја усвои серијата изборни рефоми и претседателот во оставка Леонид Кучма ги потпиша со што станаа закон.
Опозициониот лидер Виктор Јушченко вчера се заблагодари на поддршката на своите симпатизери.
Новите одредби ги предложи опозицијата со цел да се спречи повторување на наводната измама на 26 декември кога ќе се изврши повторно гласање, а има и уставни промени со кои дел од овластувањата на претседателот ќе ги преземе парламентот.
Ирак
Командантот на американските маринци во Ирак вели дека 97 проценти од поранешното упориште на бунтовниците во Фалуџа е пребарано и дека жителите може да се вратат во своите домови околу 24 декември.
Генерал потполковникот Џон Сатлер денеска кажа дека без нивната командна структура или оружје, бунтовниците практично се уништени.
Ирачката влада се согласи на воената офанзива предводена од САД на почетокот на ноември, во обид да се врати безбедноста пред националните избори закажани за 30 јануари.
Денеска во Багдад партиските претставници на Шиитите објавија листа од 228 кандидати за националното собрание кои се поддржани од Големиот Ајатолах Али ал-Систани. Иземени од листата се кандидатите кои го поддржуваат радикалниот свештеник Моктада ал-Садр.
Израел-Палестинци
Најмалку тројца Палестинци биле повредени во Појасот Газа во, како што велат сведоците, обид на Израелците да убијат палестински милитант.
Палестински сведоци велат дека израелски проектил погодил автомобил во кој бил првиот човек на Комисиите за народен отпор, организација што го опфаќа милитантните фракции. Очигледната цел на напаѓачот идентификуван како Џамал Абу Самахдна се јавува дека е повреден. Нема коментар од израелска страна.
Минатата недела премиерот Ариел Шарон кажа дека Израел нема да изведува напади на палестински територии до 9 јануари за кога се закажани палестинските избори, доколку нема одредени провокации.
Рамсфелд-Индија
Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд вели дека САД ќе изградат постабилни одбранбени односи со Индија.
Неговите забелешки дојдоа во време кога индиските претставници изразија загриженост за продажбата на американско оружје на Пакистан.
Господинот Рамсфелд денеска се сретна со неговиот индиски колега со кого разговараше за регионалните безбедносни прашања и контра-тероризам.
По средбата, портпарол на индиското Министерство за надворешни работи кажа дека била изразена загриженост за влијанието на американската продажба на оружје на Пакистан на мировните разговори кои се во тек меѓу Индија и Пакистан.
САД го разгледуваат предлогот за продавање на борбени авиони Ф-16 на Пакистан, а Индија долго време се противи на таква зделка меѓу САД и нејзиниот нуклеарен ривал.
УНИЦЕФ
Нов извештај на ОН вели дека половина од светската популација на деца – повеќе од една милијарда – растат гладни, болни и небезбедни.
Годишниот извештај е објавен денеска од УНИЦЕФ, Агенцијата за деца на ОН.
Директорот на Агенцијата Керол Белами вели дека владите во целиот свет не ги исполниле ветувањата од Конвенцијата од 1989 за права на децата, за заштитено и достојно детство за секое човечко суштество.
Извештајот вели дека повеќе од 700 милиони деца немаат соодветно засолниште, чиста вода за пиење, храна, здравствена заштита и образование.
Многу деца се уште се регрутираат во војска, а постои и сериозна загриженост за кривични дела сторени врз деца, вклучително и силувања. Пандемијата на СИДА, според извештајот има особено лошо влијание на децата, зашто меѓу другото, ја елиминира заштитната мрежа за децата што ја чинат возрасните во нивниот живот.