Линкови за пристапност

vesti 7 - 2004-12-07


Авганистан – Карзаи

Првиот демократски избран претседател на Авганистан Хамид Карзаи положи заклетва во услови на силно обезбедување во Кабул.

Во инаугуративниот говор, новиот претседател им се заблагодари на САД, ОН и меѓународната заедница за поддршката.

Меѓу гостите во Кабул беа американскиот потпретседател Дик Чејни и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд. Тие на американските трупи во Авганистан им порачаа дека воената операција не е завршена, се додека слободата и натаму има непријатели.

Г-динот Чејни вети дека САД ќе продолжат да обезбедуваат поддршка за Авганистан, без оглед на проблемите со кои можат да се соочат.

Инаугурацијата на г-динот Карзаи ја поздрави и Русија велејќи дека претставува почеток на обединет, независен и демократски Авганистан.

Украина

Украинските законодавци се надеваат на постигнување договор за обезбедување фер и демократско повторување на изборите.

Денеска парламентарците не успеаа да изнајдат решение за ќорсокакот меѓу владата и опозицијата во однос на легислативните промени пред отпочнување на гласањето.

Украинскиот претседател во оставка Леонид Кучма по разговорите изјави дека инволвираните страни не се договориле по предлогот за уставни промени со кои би се намалиле овластувањата на претседателот. Според Кучма не бил постигнат договор и по барањето на опозицијата за распуштање на владата на премиерот Виктор Јанукович.

Украина-Пауел

На министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Русија и САД не се договорија за улогата на ОБСЕ во украинската криза.

Министрите за надворешни работи на 55-те земји-членки на ОБСЕ го завршија дводневниот состанок во Софија без да издадат заедничко соопштение.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ОБСЕ не треба да раководи со мониторингот на престојното повторување на изборите во Украина.

Американскиот држвен секретар Колин Пауел ги отфрли сугестиите дека Западот се обидува да го прошири влијанието врз Украина. Интересот на Вашингтон и партнерите е слободата на украинскиот народ, порача тој.

Саудиска Арабија

Властите во Саудиска Арабија идентификуваа тројца од милитантите кои загинаа во терористичкиот напад врз американскиот конзулат во Џеда.

Саудиското Министерство за внатрешни работи вели дека тројцата не биле на листата најбарани симпатизери на Ал-Каида, која минатата година ја издадоа властите во Саудиска Арабија. Се уште не е познат идентитетот на четвртиот загинат милитант, додека не е објавено името на петиот напаѓач кој се наоѓа во притвор.

Во вчерашниот грнатен напад врз конзулатот загинаа и петмина припадници на саудиското обезбедување.

САД велат дека ќе ги засилат безбедносните мерки во дипломатските мисии во Саудиска Арабија. Американскиот конзулат во Џеда и денеска е затворен.

XS
SM
MD
LG