По 11-ти септември, САД и ЕУ заеднички работат на идентификување на лица осомничени дека се терористи на летовите за Америка.
Иако авиокомпаниите кои летаат за САД проверуваат дали некој од патниците се наоѓа на таканаречениот “ноу флај“ список на осомничени терористи, тие не ги информираат американските власти за листите на патници се́ до 15 минути по полетувањето.
Потсекретарот Аса Хатчинсон од Одделот за домашна безбедност посочува на неодамнешната грешка со еден марокански државјанин, кој иако бил на „ноу флај“ списокот, сепак се нашол на летот на Ер Франс од Париз за Вашингтон. Тој смета дека тоа може да се избегне ако властите ја добијат листата пред авионот да полета од Европа, и најавува разрешување на проблемот и корекции на процедурите, на начин на кој не би се компромитирала безбедноста, но и дополнително не би се одлагале летовите и оптеретувал авио-сообраќајот.
Џонатан Фол од Европската комисија, пак, смета дека никој не сака, доколку не е неопходно, да го одложи летот. Тој оценува дека биометричката проверка на патниците, што вклучува дигитално скенирање на отисоците и дигитално фотографирање на патникот - процедури што инаку веќе се воведени на американските воздушни пристаништа, може да помогне за непречен проток на патниците.
Најавата за позајакнати безбедносни процедури на американските аеродроми доаѓаат токму во време на зголемен проток на патниците во сезоната на празнични патувања спроти Божиќ.