Линкови за пристапност

Кондолиза Рајс ја прифати номинацијата за државен секретар  - 2004-11-16


По номинирањето на советникот во Белата куќа Алберто Гонзалез за нов секретар за правда, г-динот Буш предлага уште еден близок соработник за шеф на американската дипломатија.

„Кондолиза Рајс веќе им е позната на сите Американци и на поголемиот дел од светот. За време на последните четири години, се потпирав на нејзините совети, го користев нејзиното големо искуство и ги почитував нејзините јасни и цврсти оценки. Почестен сум што таа ја прифати номинацијата. Функцијата државен секретар е лицето на Америка во светот и д-р Рајс, светот во вас ќе ја види силата, достоинството и учтивоста на нашата земја“.

Доколку номинацијата биде потврдена во Сенатот, г-ца Рајс ќе биде првата жена со афро-американско потекло на функцијата државен секретар. Таа ќе го замени Колин Пауел, кој уште пред неколку месеци на претседателот му посочи дека нема да прифати втор мандат.

Додека секретарот Пауел ужива голема почит во странство, и е попопуларен меѓу Американците од г-динот Буш, тој честопати беше во конфликт со Белата куќа и Пентагон, во врска со војната во Ирак и по прашањето за начинот за справување на севернокорејската нуклеарна програма.

Поумерениот пристап на г-динот Пауел, базиран на градење на консензус, ја загуби битката со поагресивната политика на потпретседателот Дик Чејни и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд.

Соопштувајќи ја номинацијата на г-ца Рајс, претседателот Буш кажа дека таа се случува во критично време за земјата додека трае борбата против тероризмот.

Според претседателот Буш, за да се добие таа војна, во целите на надворешната политика за време на неговиот втор мандат е вклучена помошта за реформи и слобода на Блискиот Исток, како и спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување.

Г-ца Рајс истакна дека со нетрпение чека да почне со остварување на, како што го нарече, амбициозниот план на претседателот.

„Ми претставува чест што од мене е побарано повторно да и служам на нацијата. Прекрасна е и замислата дека би го заменила мојот драг пријател и ментор, Колин Пауел. Тој е еден од најдобрите државници што нашата земја ги создала“.

Во очекување номинацијата да биде потврдена од Сенатот без поголеми проблеми, г-ца Рајс веројатно ќе се соочи со прашања од Демократите во Конгресот за разузнавачките информации кои беа користени за оправдување на војната во Ирак.

Голем дел од тие информации за оружето за масовно уништување во Ирак, се покажа дека не се точни, како и изјавата на претседателот од 2002 дека Ирак се обидува да купи ураниум во Африка.

Заменикот на Рајс, Стивен Хадли ја презеде одговорноста за вметнување на таа информација во говорот на претедателот и тој сега е промовиран на функцијата советник за национална безбедност, за што не е потребна потврда од Сенатот.

На крајот на Студената војна, г-ца Рајс која говори и руски, две години работела како специјалист за руски прашања во Советот за национална безбедност за време на претседателствувањето на Џорџ Буш постариот.

Кондолиза Рајс е родена во Бирмингем, Алабама, во ноември 1954. Како љубител на спортот, таа се истакнала во дисциплината уметничко лизгање, а одлично свири и клавир. Не е омажена и вели дека нејзин сон е да биде Комесар на националната фудбалска лига.

Претседателот Буш кажа дека му е драго што г-ца Рајс повторно ги одложила тие планови бидејќи сега и е потребна на нацијата.

XS
SM
MD
LG