Ирак
Продолжуваат нападите на американските маринци и ирачките сили во Фалуџа.
Американските воени претставници велат дека по четиридневните жестоки борби и неколкунеделните воздушни напади, здружените сили сега ја имаат контролата врз речиси целиот град, а милитантите се притиснати главно во јужниот дел на Фалуџа.
Во Мосул, американските сили започнале воздушни напади, а вчера во престрелките во градот загинал еден американски војник. Судири избувнале и во централен Багдад.
Буш-Блер
Претседателот Буш и британскиот премиер Тони Блер денеска се среќаваат во Вашингтон на разговори за начините за заживување на блискоисточниот мировен процес.
Портпаролот на господинот Блер кажа дека главната цел е да се добие американска поддршка за обнова на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците. Вчера тој мирот на Блискиот Исток го нарече приоритет за меѓународната заедница.
Ова е прва директна средба на претседателот Буш со странски лидер по неговиот реизбор и доаѓа неколку часа по закопот на палестинскиот лидер Јасер Арафат во Рамала.
Двајцата лидери се очекува да дискутираат и за војната во Ирак, вклучувајќи ги проблемите што овој конфликт ги предизвика во Европа.
ЦИА-Тероризам
Висок претставник на Централната разузнавачка агенција даде оставка со цел јавно да проговори за владините пропусти во разбирањето на заканата од терористичката мрежа ал-Каида.
Мајкл Шаер, поранешен шеф на единицата надлежна за Осама бин Ладен кажа дека верува оти немало адекватна национална дебата за природата на заканата што ја претставува бин Ладен и силите што ги предводи.
ЦИА му дозволи на господинот Шаер анонимно да објави книга и да дава интервјуа претставувајќи се само како Мајк, но тој стана критичар на американската војна во Ирак, а ја критикувал и ЦИА за тоа како ги користела информациите во врска со Ал-Каида.
Грција-Кипар
Грчкиот премиер Костас Караманлис се наоѓа во дводневна посета на Кипар при што ќе се разговара за подготовките за самитот на ЕУ во декември.
На средбата треба да се одлучи дали да се започнат разговорите за членство во ЕУ со Турција.
Кипарскиот претседател Тасос Пападопулос му се заблагодари на господинот Караманлис за грчката помош за Кипар да добие членство во ЕУ дури без решението за 30-годишната поделба на островот. Тој изразил надеж дека поддршката ќе продолжи.
Обидот на ОН за обединување на островот пропадна на референдумот кога грчката заедница на Кипар гласаше против планот.