Вашингтон, 8 ноември 2004 година. Одговарајќи на прашање за референдумот во Македонија, портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер коментираше дека исходот ја потврдува евроатлантската ориентација на Македонија.
“Резултатот ја потврдува цврстата решеност на Македонците да продолжат со евроатлантската интеграција. Тоа е очигледно прифаќање на Охридскиот рамковен договор и ја потврдува волјата на луѓето да ги надминат предизвиците од неговата имплементација“, кажа Ричард Баучер.
Тој ги повика сите страни да го почитуваат резултатот, да продолжат да работат во рамки на демократскиот процес, да го комплетираат Рамковниот договор и да обезбедат, како што рече, натамошен и постојан прогрес на Македонија во правец на членство во НАТО и ЕУ.
Одговарајќи на едно од бројните прашања, портпаролот на Стејт департментот коментираше на импликацијата дали било вредно да се вознемири Грција преку признавање на Македонија под уставното име, со цел да се влијае на референдумот.
Тој истакна дека најпрвин заслугата отпаѓа на луѓето во Македонија, кои, како што кажа, донеле мудра и храбра одлука за територијалната организација на референдумско ниво, и решиле да се држат до Рамковниот договор, иако тоа вклучува многу промени во нивното општество. Признавањето на уставното име, смета Ричард Баучер, е порака за американската заложба за перманентна, мултиетничка и демократска Македонија во рамки на границите, што, според него, „е порака што го надминува и самиот референдум“.
Останувањето на курсот на Рамковниот договор, најави на крајот портпаролот Баучер, е нешто што САД ќе продолжат да го поддржуваат, бидејќи, како што оцени, тоа носи стабилност за сите во регионот.