Линкови за пристапност

Поддршка од САД за патот што го избрала Македонија  - 2004-11-04


Судејќи по реакциите во Стејт Департмент на изјавата на портпаролот Ричард Баучер, одлуката изненадила многумина, не толку заради супстанцата колку заради тајмингот. Но господинот Баучер кажа дека таа „не е поврзана со американските избори ниту пак е дизајнирана да биде прва надворешнополитичка одлука“, туку е донесена во момент во кој „сметавме дека е важно да ја изразиме нашата поддршка за продолжување на процесот со кој ќе се донесе стабилност во Македонија и нејзините соседи“.

Портпаролот отиде во детално објаснување дека македонското раководство преземало храбри потези, од поддршката на војната против тероризмот до изведувањето на децентрализацијата како што налага Рамковниот договор, документ што тој го опиша како „клуч за успехот на Македонија“. САД барале начини да ја изразат својата поддршка на тој тежок процес на изградба на Македонија како мултиетничко општество и да дадат поттик на целосната имплементација на Рамковниот договор. Одлуката да се признае уставното име е оценета како еден од начини.

Ова е самостојно донесена одлука за прашање кое долго време било расправано, рече господинот Баучер, објаснувајќи им на новинарите дека страните кои биле засегнати биле контактирани за да им биде соопштена, а не да бидат консултирани. Тука ги вброи грчката влада, македонскиот претседател, конгресни претставници и Европската Унија преку високиот претставник Хавиер Солана.

Како и секоја држава и САД понекогаш носат унилатерални одлуки кога сметаат дека е вистински момент за тоа, рече портпаролот. „Ова е во рамки на нашата општа поддршка за напорите на Македонија за приближување на Македонија кон Европа, и членство во НАТО и во ЕУ. Успехот на Македонија е во наш интерес и во интерес на нејзините соседи“, рече тој.

Најзасегната страна со оваа одлука, покрај Македонија е Грција. Господинот Баучер јасно даде на знаење дека САД ги сфаќаат чувствата на Грција, но дека пораката е оти ова не е свртување против оваа земја со која САД имаат одлични партнерски односи во НАТО. „Сакавме единствено да покажеме дека патот што македонската влада го следи носи стабилност, носи прифаќање и признавање во светот на Македонија“, кажа портпаролот.

Грчките новинари го покренаа прашањето за можните територијални претензии на Македонија сега кога државата го добила правото на користење на името што го избрала, на што одговорот беше дека Македонија со ниеден потег не покажала такви аспирации, но дека таквите техникалии се решаваат со посебни протоколарни договори.

Претставникот на Стејт Департмент беше запрашан што значи ова во однос на процесот на преговарање за името што се одвива пред Обединетите Нации, на што тој одговори дека одлуката е независна од тој процес, но дека САД се надеваат на брзо и успешно окончување на тие преговори во интерес на сите.

XS
SM
MD
LG