Линкови за пристапност

Претседателот Буш доби втор мандат – Џон Кери призна пораз на изборите - 2004-11-03


Демократскиот претседателски кандидат Џон Кери и претседателот Џорџ Буш во одвоени јавни обраќања и официјално ставија крај на докрај неизвесната изборна трка за Белата куќа што заврши со втор мандат за актуелниот претседател.

Во говорот во родниот Бостон, сенаторот Кери ги повика Американците да се обединат, додавајќи, „имаме обврска заеднички да работиме за доброто на земјата“.

Тој кажа и дека со оглед на тоа што американските војници се изложени на опасност, Американците мора да се обединат, со цел „да успееме во Ирак, и да ја добиеме војната против тероризмот“.

Во забележливо емотивното обраќање, сенаторот Кери им се заблагодари на симпатизерите и кажа дека изборите успеале тогаш кога нивните гласови го промениле светот.

Џорџ Вокер Буш ја прифати победата на американските претседателски избори, ветувајќи дека ќе стори се што е во негова можност да им служи и да ги заштити Американците за време на вториот мандат. Тој кажа дека се работи за историски избори на кои гласачите се одзвале во рекорден број.

Меѓу приоритетите во наредниот период ги издвои зајакнувањето на американската економија, подобрувањето на образованието и реформата на системот на социјална заштита.

Тој најави дека ќе продолжи енергично во Ирак и Авганистан, од каде „американските сили ќе се вратат кога овие две земји доволно ќе зајакнат“.

Речиси комплетираните резултати покажуваат дека претседателот Буш, според гласовите на директните избирачи, води пред сенаторот Кери со 51 наспроти 48 проценти, односно дека има околу 3,5 милиони гласови повеќе.

Прогласувањето на победникот на изборите беше одложено поради различни ставови на изборните штабови во врска со резултатот од гласањето во федералната држава Охајо, чии, таканаречени изборни гласови – 20, што таа ги носи како федерална држава, го носат претседателот Буш преку границата од 270 изборни гласови, колку што се потребни за дефинитивна победа на изборите. Џорџ Буш водеше во Охајо со предност од околу 140 илјади гласови на директните избирачи. Меѓутоа, останува да се избројат околу 150 до 250 илјади гласови, и штабот на Џон Кери порача дека сака гласовите до еден да бидат избројани.

Одзивот на изборите беше голем, по долга и вжештена кампања, најповеќе посветена на војната против тероризмот, Ирак и економијата. Многумина анкети, што се базираат на податоци од гласачите дадени непосредно по гласањето, покажуваат дека избирачите ги имаат убедено ставвите на претседателот Буш за, како што вели тој, моралните прашања, меѓу што и забраната на хомосексуални бракови и противењето на генетски истражувања со употреба на ембрионални клетки.

XS
SM
MD
LG