Линкови за пристапност

Стејт департментот остро го осудува убиството на тројцата Македонци во Ирак - 2004-10-25


Ова беше прво произнесување на американската влада по повод случајот со киднапирањето на македонски договорни работници ангажирани на работа во Ирак.

Запрашан за коментар за потегот на Македонија да ги повлече сите свои државјани на работа во оваа земја, што уследи како резултат на киднапирањето на тројца Македонци - наводно жртви на милитантите кои ги сметале за американски шпиони, претставникот на Стејт департментот на вчерашниот редовен брифинг за новинарите немаше коментар за конкретната одлука за повлекување на цивилите. Тој сепак и́ се заблагодари на Македонија за улогата во меѓународната борба против тероризмот.

Заменик-портпаролот на Стејт департментот Адам Ерели изјави: „Не сум во тек со одлуките кои се однесуваат на македонските државјани во Ирак, но сакам да кажам дека САД ја сметаат Македонија за цврст партнер во глобалната војна против теророт и ценет партнер во Ирак. Ја почитуваме решителноста и храброста на македонската влада и на македонскиот народ во ова особено тешко време.

Остро го осудуваме убиството на тројцата македонски државјани во Ирак и испраќаме најдлабоко сочувство до нивните семејства, пријатели и колеги. Како и во други вакви трагедии, ние го осудуваме киднапирањето на недолжни цивили.

Во контакт сме со Владата на Македонија за да помогнеме на секој начин и ќе продолжиме да работиме со привремената ирачка влада и со другите да откриеме каде се наоѓаат жртвите“, рече господинот Ерели од американскиот Стејт Департмент на денешниот брифинг за новинарите во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG