Линкови за пристапност

vesti 22 - 2004-10-22


Ирак

Американски воени претставници велат дека американската авијација во Ирак во текот на ноќта нападнала осомничени милитантни локации во Фалуџа. Американските власти потврдија дека предходно имало престрелки меѓу маринците и милитантите во близина на градот.

Болнички извори соопштија дека најмалку седум лица се убиени, но американски армиски лица не можеа да го потврдат ваквото тврдење.

Ирачкиот привремен премиер Ијад Алави кој се обидува да ја врати националната безбедност пред јануарските избори, кажа дека Фалуџа ќе се соочи со нова воена офанзива доколку жителите не го предадат бараниот терорист Абу Мусаб Ал Заркави.

Во меѓувреме, арапската телевизиска мрежа Ал-Џазира емитуваше нова видео снимка од Маргарет Хасан, родум од Ирска, а омажена за Ирачанец. Таа била раководител на хуманитарната организација „Кеар“. На снимката, госпоѓа Хасан моли за нејзиниот живот.

Иран-Нуклеарна програма

Британија, Франција и Германија наредната недела треба да имаат средба со ирански претставници при што ќе разговараат за можноста Иран да ја прекине програмата за збогатување на ураниум.

Дипломатите велат дека средбата ќе се оствари во Виена каде трите европски земји на Иран му понудија трговски договори и реактор за нуклеарна енергија во замена на прекин на програмата за збогатување на ураниумот. Досега Иран јавно го истакнува своето право да работи на ваква програма за мирнодопски цели.

Иран ги порекна обвиненијата дека произведува нуклеарно оружје.

Меѓународната агенција за атомска енергија можно е предметот за нукларните активности на Иран да го предаде во надлежност на Советот за безбедност на ОН за евентуално воведување на санкции.

Израел-Палестинци

Извештај што го објавија Обединетите нации тврди дека неодамнешната офанзива на израелските сили во северниот дел на Појасот Газа резултирала во убиство на 107 Палестинци, а 700 останале без покрив над главата.

Агенцијата за хуманитарна помош и обнова на ОН, која е задолжена за палестинските бегалци, во извештајот тврди дека израелскиот упад причинил штета од три милиони долари. Засега нема коментар од израелска страна.

Денеска палестински милитанти со минофрлачки оган нападнаа еврејски населби во јужниот дел на Појасот Газа. Нападот уследи по убиството на главниот претставник на Хамас задолжен за изработка на експлозивни направи, кој синоќа загина во израелски ракетен напад.

САД-Политика

На уште 11 дена до претседателските избори во САД, претседателот Буш и сенаторот Кери водат кампањи во неколку федерални држави, каде се чини дека ниту еден од нив нема јасно водство. Претседателот ги посети државите Пенсилванија, Охајо и Флорида, додека неговиот противкандидат од Демократската партија беше во Висконсин, Невада и Колорадо.

Вчера господата Буш и Кери меѓусебно се критикуваа околу политиката за здравствената заштита.

Буш за планот за здравствена заштита на својот ривал кажа дека премногу ќе чини, а Кери истакна дека сите Американци треба да имаат пристап до здравствена заштита и ќе се заложи тоа да го оствари.

XS
SM
MD
LG