Линкови за пристапност

Преговорите за статусот на Косово нема да и́ наштетат на македонската стабилност - 2004-10-22


Иако првенствено говореше за Косово, професорот Џејмс Петифер на нашето прашање за претстојниот референдум во Македонија кажа дека евентуалниот успех ќе има дестабилизирачко влијание. „Фактот што референдумот воопшто се одржува, сметам дека е предупредувачки знак“, вели тој, а меѓуетничките односи во земјата не се онакви какви што треба да бидат. Според него, референдумот ќе има негативно влијание бидејќи усвојувањето на предлозите од него, како што кажа, би значело големо уназадување.

Џејмс Петифер сепак изрази оптимизам дека преговорите за статусот на Косово нема да и́ наштетат на македонската стабилност:

„Сметам дека одлуката за конечниот статус на Косово нема да има големо влијание врз стабилноста на Македонија. Оние кои се одговорни за дестабилизирањето на Македонија се истите луѓе кои стојат зад организираниот криминал и тие за жал ќе бидат таму во секој случај, без оглед на тоа дали Косово е независно или не. Она што би сакал да видам е поголем ангажман во имплементирањето на одредбите на Охридскиот договор„.

Во врска со Косово, и покрај обидите на меѓународната заедница, односите меѓу Белград и Приштина останаа речиси непроменети, а идејата за отцепување на Косово од Србија и натаму е централно прашање, истакна Петифер. Тој вели дека многумина сметаат оти доколку во меѓувреме Црна Гора стане независна, речиси ќе биде невозможно да се спречи Косово да појде по истиот пат, и тоа за кратко време.

Професорот Петифер подвлече и дека доколку на престојните избори во САД победи сенаторот Џон Кери, новата американска администрација не би сакала радикално да ги промени нештата на начин на кој би се пореметила постоечката стабилност.

XS
SM
MD
LG