Линкови за пристапност

Со стекнување пасош - веднаш на гласање - 2004-10-18


Стефан Грозинџер е адвокат за недвижнини во Саутпорт, Конетикат. Тој е роден во Монтреал, студирал во Канада, пред да се пресели во САД. Иако овде живеел долго време, дури неодамна станал американски државјанин.

Конечно решив да поднесам барање по терористичките напади врз САД на 11 септември, 2001. Мислам дека тоа ме натера да се фокусирам и да се идентификувам себеси прво како Американец, а потоа се друго.

Со оглед на околностите под кои г-динот Грозинџер решил да стане државјанин на САД, не е за изненадување неговата заинтересираност за ставовите на двајцата претседателски кандидати, особено по едно прашање.

Пред се, безбедноста. Да се биде близу до Њујорк и да се биде јасна цел на терористите, направи да чувствувам дека на овие избори безбедноста ми е најважното прашање.

И кој од кандидатите прави Стефан Грозинџер да се чувствува побезбедно?

Џорџ Буш. До неодамна бев неопределен, но сега решив дека Буш се чини дека има план со кој ќе бидеме побезбедни.

И во однос на другите прашања како што е даночниот систем, г-динот Грозинџер смета дека г-динот Буш би бил вистинскиот избор. Сепак безбедноста и натаму е прашање број еден меѓу американските избирачи.

Меѓутоа, не мислат сите така.

Сакам да се чувствувам комотно надвор од границите на оваа земја, кога патувам во странство, сакам да бидам слободен да кажам што мислам. Можам да ви кажам дека ќе гласам за Кери.

Ова е Виктор Чередко, психијатар од Бугарија кој добил американско државјанство минатата година. Д-р Чередко вели дека сака и членовите на неговото семејство кои се уште се во Бугарија да се преселат во Њујорк, но тие одбиваат, стравувајќи за безбедноста во најголемиот американски град, бидејќи американската надворешна политика креирала огромна омраза во светот.

Њујорк не е безбедно место за живеење и всушност тоа е еден од главните аргументи зошто моето семејство не сака да се пресели. Не се работи за репутацијата на тој град, туку тоа е прашање на дистанцирање од ароганцијата дека ние Американците знаеме најдобро за се и сешто.

Меѓу поновите американски државјани има и такви кои се уште не одлучиле за кого ќе гласаат. Теа Неделчева исто така од Бугарија, е дилер со уметнички слики. Таа станала државјанин на САД во 2000 година, кратко време по тогашните претседателски избори.

Честопати кога станува збор за гласање, тргнувам од прашањата, а не од личностите на кандидатите. Се уште не сум ги преиспитала прашањата кои се важни за мене.

Интересно, Теа не ја спомена безбедноста како примарна грижа. Таа има постипломски студии по американски науки и со насмевка ја опишува, како што ја нарекува – идејата за Америка.

Ова е прекрасна земја. Сметам дека слободата што оваа земја им ја обезбедува на своите граѓани и на луѓето од целиот свет, е мошне важно прашање. Со настаните од 11 септември и во изминативе неколку години, постои тенденција да сеограничи таа слобода. Мислам дека е важно да се гласа за оние кои се борат таа да се зачува.

Г-ѓа Неделчева вели дека поблиска и е политиката на Џон Кери иако и пречи тоа што сенаторот гласал во корист на американскиот Патриотски акт во октомври 2001. Актот беше поддржан од претседателот Буш и со него агенциите за спроведување на законот имаат широки овластувања за истрага на активностите на приватните лица. Но таа сепак верува оти во САД слободата и натаму постои и планира целосно да ја искористи кога за прв пат ќе гласа на овие претседателските избори.

XS
SM
MD
LG