Линкови за пристапност

Научните прашања - една од темите во претседателската кампања во САД - 2004-10-12


Американците се грижат за науката. Најновото испитување на јавното мислење во САД покажува дека Американците веруваат оти иновацијата во науката може да лечи болести, може да прави храната да биде безбедно за конзумирање, да ја прочистува водата за пиење и да ја движи економијата.

Форумот за научна политика спонзориран од приватната Асоцијација за напредок во науката, овласти свои претставници кои за време на претседателската кампања би ги застапувале двајцата кандидати во однос на научните прашања.

Поранешниот републикански конгресмен, Боб Вокер, кој раководеше со научната комисија во Претставничкиот дом, говореше во името на претседателот Буш, додека сенаторот Џон Кери беше претставен од Хенри Кели, научен советник од времето на претседателствувањето на Бил Клинтон, а во моментов е претседател на Федерацијата на американските научници.

И обајцата се согласни дека лабараториското одгледување на клетките што поттикнуваат човечки развој, добиени од човечки ембриони, ветува нови третмани за различни болести. Г-динот Вокер рече дека претседателот Буш бил прв кој финансирал вакво истражување и тој е определен да продолжи со финансирањето.

„Тој се обидува да го стори тоа на начин да се справи со етичките и моралните прашања. Доколку ја отворевте вратата за истражување на клетките што поттикнуваат развој, без лидерство какво што обезбеди претседателот Буш, тогаш би предизвикале политичка конфронтација на Капитол Хил, што веројатно би ви ја ускратила можноста за финансисрање на ваков вид на истражување во иднина. Факт е дека имате претседател кој не само што пронајде начин да ја пофали федералната влада што вложува во ваквото истражување, туку и што вложил вистински пари во тоа истражување“, истакнува господинот Вокер.

Но поранешниот советник за научни прашања на претседателот Клинтон, Хенри Кели, вели дека истражувањето на клетките што поттикнуваат развој е мошне ослабено од страна на администрацијата на Буш. Тој вели дека одлуката на Белата куќа да ги забрани сите финансирања, освен она за овие клетки, е предизвикано од верска идеологија, а не од добра научна основа.

„Очигледно е дека тој не се потпрел на веќе поставените методи за постигнување консензус или да посочи на евалуација од надвор. Јасно е дека фактите на кои се потпира оваа одлука едноставно биле погрешни. Џон Кери јасно кажа дека ќе овозможи Американците да имаат корист од истражувањето на клетките што поттикнуваат развој, но само со одлуки донесени од страна на стручњаците и оние кои можат да ја оценат етичката и моралната вредност во сето ова“, вели Кели.

Претседателот Буш е критикуван и за неговата реакција по прашањето за глобалното затоплување. Иако г-динот Буш се согласува дека глобалните климатски промени се серизна долгорочна закана, тој во 2001 одлучи САД да се повлечат од Договорот од Кјото, кој претставува меѓународен договор за намалување на испуштањето на штетните гасови. Актуеланата администрација вели дека задолжителните забрани според овој договор би и наштетиле на американската економија и дека од нив полза ќе имаат земјите во развој.

И обата кандидата ветија дека ќе ја поддржат американската програма за вселената. Г-динот Буш предложи дека ќе ги врати астронаутите на Месечината до 2015 година и Месечината да се искористи како платформа за евентуално испраќање на човечки екипаж на Марс. Г-динот Кери ја поздрави идејата, но го постави прашањето од каде би се набавиле средства за таа намена.

Администрацијата на Буш вели дека го зголемила финансирањето за истражување и развој за 44 проценти. Владата предложи и рекордни 132 милијарди долари за оваа намена и за наредната година. Сепак кампањата на Кери и натаму ги критикува финансиските приоритети на г-динот Буш. Според Хенри Кели од Федерацијата на американските научници, актуелната администрација потрошила премногу на системот за одбрана, а не доволно на науката и вели дека уште многу треба да се стори.

На ова се согласуваат и 48 научници, добитници на Нобеловата награда. Во отворено писмо објавено годинава во кое ја поддржуваат кампањата на сенаторот Кери, тие го критикуваат претседателот Буш што не вложувал доволно средстава за научно истажување. Администрацијата го отфрла ова обвинување истакнувајќи дека Америка останува светски лидер во областа на науката и дека финансирањето за научно истражување ќе продолжи за време на вториот мандат на претседателот Буш.

XS
SM
MD
LG