Ирак
Американските и ирачките сили нападнаа седум џамии за кои сметаа дека им даваат поддршка на бунтовниците во западниот град Рамади.
Американската армија соопшти дека операцијата е дел од заедничките напори во потрага по познати терористи и бунтовници, како и откривање илегално оружје.
Очевидци соопштија дека маринците го уапсиле Шеикот Абдул Алеим Саади, висок регионален водач на муслиманските Суни.
Истовремено, американски бомбардери извршиле напади врз две згради, кои ги користела терористичката мрежа на Абу Мусаб ал-Заркави во Фалуџа. Ал-Заркави досега презел одговорност за серија бомбашки напади, киднапирања и убиства на заложници во Ирак.
ОН-Ирак
Меѓународната агенција на ОН изрази загриженост дека одредена опрема и материјали кои можат да бидат искористени за нуклеарно оружје се водат како изчезнати во Ирак, откако започна американската инвазија.
Во извештајот до Советот за безбедност на ОН, меѓународната агенција за атомска енергија, се вели дека сателитските снимки покажуваат дека цели згради се урнати, без да се знае каква специјализирана опрема била сместена во нив.
САД-Европа-Иран
Њујорк Тајмс пишува дека администрацијата на Буш води разговори со три европски земји за евентуална економска поддршка на Иран, со цел да ги стопира напредните активности со ураниумот, дел од осомничените програми за атомско оружје.
Весникот цитира анонимни европски и американски дипломати, кои велат дека Вашингтон не поддржал никаков економски план, ниту ги убедувал Германија, Британија и Франција да се откажат од постигнување договор што идниот месец би го претставиле на Иран.
Дипломатите истакнале дека во дискусиите станало збор и за специфични или евентуални санкции, доколку Иран го отфрли понудениот економски пакет.
Авганистан-Избори
ОН соопштија дека ќе ги истражуваат евентуалните нерегуларности на претседателските изборите во Авганистан. Светската организација назначи двајца експерти кои ќе го водат истражувачкиот тим. ЕУ ќе го одреди третиот стручњак.
Многу кандидати за претседател на Авганистан се пожалија на неправилности, додека гласањето беше во тек во саботата. Неколкумина од нив оттогаш ги повлекоа заканите за бојкот на изборите.
Главниот ривал на преодниот претседател Карзаи, Јунус Кануни, изјави дека ќе ги прифати резултати по завршувањето на истражувачката постапка.
Милошевиќ-Судење
Судењето на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ во Хаг продолжува по едномесечна пауза, на барање на адвокатите на одбраната подобро да се подготват за случајот.
Германскиот новинар Франц Јозеф Хач, кој работел како воен известувач од Косово стана четвртиот сведок на одбраната.
Господинот Милошевиќ се соочува со повеќе од 60 обвинувања за воени злосторства, вклучувајќи геноцид, но и за неговата улога во балканските конфликти во 1990-те.