Линкови за пристапност

најнови вести 11 октомври  - 2004-10-11


Ирак

Паравојниците лојални на ирачкиот радикален шиитски свештеник Моктада ал Садр започнаа да го предаваат оружјето како дел од мировниот договор со ирачките и американските претставници, со цел да се завршат повеќенеделните борби во дистриктот Садр Сити во Багдад.

Официјалните лица велат дека трансферот на оружје се очекува да трае пет дена, по што ирачката полиција и националната гарда треба да го преземат обезбедувањето во густо населената и главно шиитска населба на ирачкиот главен град.

На разоружувањето на паравојниците се гледа како на клуч за постигнување безбедност пред јануарските избори.

Во друга разврска, двајца американски војници се убиени и петмина други ранети во ракетен напад денеска во јужен Багдад.

Во Мосул, на север, автомобил бомба експлодирал во близина на американски конвој при што има жртви, чиј број во овој момент е непознат.

Почина Кристофер Рив

На возраст од 52 години почина американскиот актер Кристофер Рив.

Од неговиот агент за односи со јавноста пристигнува веста дека актерот, најпознат по улогата во филмовите за Супермен, починал синоќа од откажување на срцето.

Тој беше на третман заради компликации поврзани со парализата и во саботата паднал во кома во неговиот дом во Њујорк.

Рив стана силен поборник за истражувања на рветниот мозок откако беше парализиран од вратот надолу од речиси фатален пад од коњ пред девет години.

Рив се појави во 17 долгометражни филмови, десетина телевизиски филмови и околу 150 театарски претстави.

Американска политика

Претседателот Буш и неговиот демократски ривал Џон Кери денеска се во Западна Америка, пред одржувањето на третата, финална, дебата во среда во Аризона.

Господинот Буш ќе има средби со жителите на Ново Мексико и Колорадо, откако неделата ја мина на неговиот ранч во Тексас, подготвувајќи се за ТВ-дебатата. Се очекува фокусот во среда да биде на домашните теми, вклучувајќи даноци, образование, здравствена заштита и внатрешна безбедност.

Сенаторот Кери исто така е во Ново Мексико, но не планира јавни средби во текот на денот. Во неделата им се придружи на лидерите од африканско-американската заедница, Џеси Џексон и Ал-Шарптон, обраќајќи се во баптистичка црква во Мајами, Флорида.

Иако има уште малку повеќе од три недели до изборите, трката е изедначена. Двајцата кандидати макотрпно се борат за секој неопределен гласач.

Избори во Авганистан

Заедничката изборна комисија на ОН и на Авганистан побара од Светската организација да назначи тим од независни експерти кои ќе ги испитуваат гласините за фалсификати во гласањето на претседателските избори во Авганистан во саботата.

Противниците на привремениот претседател Хамид Карзаи ги окарактеризираа изборите како лажни, иако гласањето се уште тече, а некои од нив и го бојкотираа процесот.

Официјални лица во изборната комисија соопштија дека побарале меѓународен тим кој ќе ги истражува наводните неправилности на првите претседателски избори во земјата.

Комисијата соопшти дека пребројувањето на гласовите е прекинато, во случај да има прегласување на некои избирачки места.

Чешка помош за Авганистан

Владата на Чешката Република гласаше да го донира вишокот од воената опрема за националната авганистанска армија.

Портпаролот на чешкото министерство за одбрана изјави дека владата преговара со САД да ја транспортираат миницијата, рачните гранати и светлечки ракети за Кабул.

Воената опрема е дел од околу 70.000 тони вишок оружје, сопственост на чешката армија, кое треба да биде уништено или продадено.

Министерот за одбрана на Чешка Карел Куелн исто така сугерираше да се донира миниција и во Ирак.

XS
SM
MD
LG