Во филмот "LADDER 49" станува збор за екипа пожарникари чии број на пожарникарска кола е 49 и кои работат во Балтимор, град на источниот брег на САД, каде и е снимен овој филм.
Жоакин Феникс го игра Џек Морисон кој завршил на академијата за пожарникари по што станал искусен во својата професија, ризикувајќи го сопствениот живот. За да ја игра оваа улога, Феникс и неговите колеги морале да минат интензивна обука со вистински пожарникари и за време на снимањето морале да се соочат со вистински пламен.
Феникс вели дека во филмот пожарникарите се претставени како вистински човечки суштества, а не како совршени херои.
„Вообичаено во Холивуд кога ќе стане збор за херои, изгледа дека секој станува опседнат со како тие херои можеме да ги направиме што е можно посовршени. Како може да ги направиме чувствителни? Тоа секогаш претставува грижа. Преку филмот на некој начин бевме во можност да ги истражиме помалку пријатните моменти.“
Џон Траволта има улога на управник на пожарникарскиот тим. Тој вели дека запознавањето со вистински пожарникари само ги потврдило неговите инстинкти за овој вид на професија.
„Знаев дека тоа се мошне храбри луѓе кои не сакале да им се обрне многу внимание и не сакале себеси да се сметаат за херои. Тоа придонесе да почувствувам дека го заслужуваат вниманието.“
Режисерот Џеј Расел признава дека се двоумел дали да работи на филмот кога за прв му било понуден, по речиси една година откако се случија терористичките напади врз САД во 2001-та.
Сепак тој подвлекува дека според оригиналното сценарио, филмот требало да биде снимен во Њујорк и како што вели, иако дејството е преместено во друг град, настаните од 11 септември имале свое влијание.
„Дали ова е во чест на пожарникарите од 11 септември? Секако дека е, но е и во чест на пожарникарите од 10, 12, 13 септември. Приказната е иста за сите. Тој ден светот го виде, во екстремен случај, она што го работиме секојдневно. Тоа беше мојата мотивација и приказната што сакав да ја прикажам.“
Сценариото на „Скалило 49“ е на Луис Колик, а во останатите улоги се Роберт Патрик и Морис Чеснат, како членови на пожарникарскиот тим, како и австралиската глумица Џасинда Берет која ја игра сопругата на Џек Морисон.