Линкови за пристапност

Прв ТВ-дуел меѓу Буш и Кери - 2004-10-01


Првиот, долгочекуван ТВ дуел меѓу претседателот Џорџ Буш и претседателскиот претендент од Демократската партија, сенаторот Џон Кери, беше директен и без пардон, и во најголем дел посветен на ситуацијата во Ирак.

Синоќешното соочување на претседателските кандидати, инаку тематски посветено на надворешната политика, уште еднаш ги истакна нивните различни гледишта во однос на Ирак. Сенаторот Кери ја нарече одлуката да се изведе воена акција во Ирак „колосална грешка во просудувањето“, во контекст на фактот дека во Ирак не е пронајдено оружје за масовно оружје, и во однос на тезата дека земјата не била централен дел на војната против тероризмот. Тој го обвини претседателот Буш дека пошол во војна без јасна претстава за тоа како потоа да обезбеди мир, дека ги отуѓил американските сојузници и го нарушил американскиот углед во светот, како и дека опасноста од тероризмот и натаму е голема, бидејќи терористите како Осама бин Ладен се́ уште се на слобода.

Претседателот Буш, пак, инсистираше дека одлуката да се нападне Ирак била оправдана, дека Ирак полека но сигурно ќе стане јадро на слободата на Блискиот Исток што ќе придонесе за демократски промени во поширокиот регион, како и дека е постигнат напредок во глобалната војна против тероризмот со тоа што голем дел од мрежата на Ал-Каида е растурена, а опасните диктатори како Садам Хусеин се во затвор.

Балканот не беше споменат ниту во поширок контекст.

Меѓу малку од нештата за кои беа согласни, Буш и Кери обајцата рекоа дека сметаат оти најголемата опасност по САД во моментов е ширењето на нуклеарното оружје. Затоа, пак, тие се разидоа околу политиката кон Северна Кореја: првиот смета дека шестпартитните разговори - а не воената акција како во Ирак - се вистинска формула за дипломатски притисок врз оваа земја, со цел да се откаже од нуклеарните амбиции, а вториот повика на билатерални разговори.

Делејќи меѓусебни критики за сопствените платформи, претседателот Буш ја подвлече во последно време често употребуваната квалификација за сенаторот Кери, дека не е конзистентен и често ги менува мислењата по битни прашања, додека овој забележа дека сегашниот претседател, иако се обидува да покаже дека принципиелно донесува важни одлуки како онаа за војна во Ирак, сепак занемарува важни аспекти од тоа каква е ситуацијата во реалноста.

Политичките аналитичари сметаат дека дуелот, инаку прв од вкупно трите пред изборите на 2 ноември, е од мошне големо значење за придобивање на се́ уште неопределените гласачи, иако можеби поважен за сенаторот Кери, кој во моментов заостанува зад претседателот Буш во испитувањата на јавното мислење.

XS
SM
MD
LG