Ирак-Заложници
Арапската телевизија Ал-Џезира емитуваше видео снимки кои покажуваат дека милитантите во Ирак држат уште десет нови заложници, вклучувајќи и две индонезиски жени.
Во еден сегмент, тројца неидентификувани мажи биле чувани од двајца маскирани вооружени лица.
Ал-Џезира кажа дека последните заложници, шестмина Ирачани, двајца Либанци и две жени, работеле за компанија за елекрична енергија. Киднаперите се уште не ги изнеле своите барања.
Според оваа телевизиска мрежа, киднаперите себе си се идентификувале како членови на Исламската армија во Ирак, истата група која ја презеде одговорноста за киднапирањето на двајца француски новинари минатиот месец.
Вчера Ал-Џезира прикажа видео снимка на која британскиот заложник Кенет Бигли е во кафез и го моли премиерот Тони Блер да му го спаси животот. Не е познато кога е направена снимката.
САД-Политичка дебата
Американските гласачи ќе имаат можност вечерва да ги видат претседателот Буш и неговиот ривал од Демократската партија Џон Кери на иста сцена, за време на нивната прва дебата во претседателската кампања.
Планирани се три телевизиски дебати, а вечерашнава од Флорида ќе биде фокусирана на надворешната политика, вклучувајќи го Ирак и тероризмот.
Неодамнешните истражувања на јавното мислење индицираат дека господинот Буш е во помала предност од онаа пред пет недели.
Господинот Буш го обвинува својот противник за често менување на ставот по важни прашања, а господинот Кери вели дека војната во Ирак е одвлекување на вниманието од вистинската опасност што ја претставува терористичката мрежа Ал-Каида.
Израел-Палестинци
Бројот на жртвите продолжува да расте додека израелските сили подлабоко навлегуваат во најголемиот бегалски камп за Палестинците во Газа, со цел запирање на нападите врз еврејските населби и израелските погранични градови.
Најмалку 21 Палестинец денеска е убиен во израелскиот напад на кампот Џабалја, а израелското радио вели дека владата решила да ја заостри офанзивата. Во кампот биле уништени и неколку домови.
Србија-САД
Висок американски претставник ги предупредува лидерите на Србија и Црна Гора дека нивната држава уште еднаш ќе падне во меѓународна изолација заради пропустот на Хашкиот трибунал да му ги испорача осомничените воени злосторници.
Американскиот државен потсекретар Марк Гросман ги поттикна лидерите брзо да го уапсат поранешниот воен лидер на Босанските Срби, генералот Ратко Младиќ и да го предадат на трибуналот на ОН. Неговите забелешки уследија по разговорите што ги имаше во Белград со министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Вук Драшковиќ.
Господинот Гросман вчера се осврна на налогот од српски суд за апсење на четворица српски генерали по кои има потерница за извршени воени злосторства. Американски претставници порано индицираа дека поддржуваат судење на домашен терен за нив во Србија, но господинот Гросман кажа дека таа поддршка исчезнува заради одложувањето на случајот со Младиќ.
Италија-Пакистан
Папата Јован Павле Втори денеска го прими пакистанскиот претседател Первез Мушараф во Ватикан.
Папата на пакистанскиот лидер му кажа дека светот може да дојде до вистинска правда само преку признавање на потребата за заедничко разбирање меѓу народите.
По приемот кај Папата, генералот Мушараф имаше разговори со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Ангело Содано, на кои стана збор за тероризмот и за други итни прашања.