Ирак
Привремениот ирачки премиер Ијад Алави предупреди дека можно е да биде потребно темелно воено решение во Фалуџа, доколку не успее политичкиот процес во овој град.
Г-динот Алави ова го изјави додека американските безбедносни сили извршуваат воздушни напади врз осомничени цели во градот.
Денеска американската армија вели дека нападнала локација користена од помошниците на бараниот терорист Абу Мусаб Ал-Заркави каде биле планирани самоубиствени бомбашки напади. Не е познат бројот на загинатите во овој напад, но од болнички извори се дознава дека од синоќешните воздушни напади загинале најмалку три лица.
Во Багдад, американските трупи се судриле со шиитските милитанти во Садр Сити.
Во Рамади, во близина на американски конвој експлодирал автомобил-бомба, додека во Самара, симпатизерите на Ал-Заркави одржале демонстрации.
Јордан-Ирак
Јорданскиот крал Абдула вели дека верува оти би било невозможно да се одржат избори во Ирак доколку, како што кажа, продолжи моменталниот хаос.
Кралот Абдула ова го изјави за францускиот весник Ле Фигаро, пред денешната средба со претседателот Жак Ширак во Париз на која ќе стане збор за ситуацијата во Ирак.
Јорданскиот крал кажа дека доколку во Ирак се одржат изборите во услови на безредие, екстремистите ќе бидат најдобро организирана фракција која ќе биде во предност.
Американските и ирачките лидери инсистираат дека изборите ќе се одржат како што е планирано, во јануари наредната година.
Пакистан
Пакистанските безбедносни сили уапсиле дополнителен број осомничени паравојници, чекор што уследи по убиството на висок припадник на Ал-Каида во неделата и апсењето на двајца негови помошници.
Властите не го соопштија бројот на уапсените милитанти, но рекоа дека овие лица биле поврзани со убиениот припадник на Ал-Каида, Амјад Хусеин Фароки.
Пакистан вели дека безбедносните сили пред да ги извршат најновите апсења, добиле информација од двете лица уапсени во неделата.
Авганистан-Борби
Авганистанските претставници велат дека исламските милитанти убиле четворица војници, а двајца други се повредени за време на заседа на воена патрола во провинцијата Забул.
Властите велат дека двајца бунтовници загинале во вооружената престрелка која траела неколку часа.
Денешниот инцидент е последниот во серијата напади во Авганистан пред да се одржат претседателските избори закажани за 9 октомври.
Бунтовниците ветија дека ќе ги интензивираат нападите за да го попречат гласањето.
САД испраќаат 18.000 трупи во Авганистан за да помогнат во обезбедувањето.
САД-Претседателска кампања
Две нови испитувања на јавното мислење индицираат дека претседателот Буш е во значително водство пред почетокот на првата од серијата дебати со неговиот противник сенаторот Кери.
Најновата анкета што ја спроведоа Вашингтон Пост и ТВ-мрежата Еј-Би-Си, покажува дека претседателот води пред г-динот Кери со 51 спрема 45 проценти. Анкетата на Ју-Ес-Еј Тодеј, Си-Ен-Ен и Галуп покажува дека г-динот Буш е во предност со 8 проценти меѓу потенцијалните гласачи.
Обете анкети велат дека трите престојни дебати ќе бидат клучни за да се привлечат гласовите на неопределените гласачи.
Претседателот Буш и г-динот Кери денот ќе го минат во подготовки за правта од серијата дебати што ќе се одржи во четврток и ќе биде фокусираната на надворешната политика.
Буш-Урагани
Претседателот Буш побара од Конгресот 7,1 милијарда долари помош за неколкуте федерални држави погодени од неодамнешните урагани.
Дополнителните средства ќе ја зголемат сумата на досега обезбедената помош на 12,2 милијарди долари. Месецов, претседателот од Конгресот побара да одобри 5,1 милијарда долари за санирање на штетите од четирите урагани што во изминативе шест недели ја погодија Флорида.
Средствата што сега се бараат од Конгресот, ќе се искористат за обезбедување помош за Флорида, но и за државите Алабама, Џорџија, Луизијана, Мисисипи, Северна Каролина, Охајо, Пенсилванија и Западна Вирџинија.
Дел од средствата ќе се употребат и за санирање на штетите што ураганите ги причинија на Хаити, Гренада и Јамајка.