Линкови за пристапност

Ијад Алави:  Ирачкиот народ нема да дозволи бунтовничките и терористичките напади да ги нарушат плановите за изборите во јануари  - 2004-09-23


Господинот Алави се обиде да ја изрази својата увереност и увереноста на привремената влада што ја предводи, не само во успешноста на напорите за борба против бунтовниците, туку и на подготовките за изборите кои би требало да се одржат во јануари.

На многубројните средби во САД, тој кажа дека изборите ќе се спроведат, а терористите и бунтовниците ќе бидат поразени.

„Да бидам јасен. Изборите во Ирак ќе бидат спроведени на време - во јануари, бидејќи Ирачаните сакаат навремени избори“, рече господинот Алави.

Тој додаде дека е реален и оти знае дека тероризмот не може да се порази само со политички средства.

Ирачкиот премиер упати апел за продолжување и за зголемување на помошта од САД и меѓународната заедница за обновата на Ирак, за изборите, и за борбата против бунтовниците.

И покрај ужасните случаи на отсекување на глави на Американци и други странски работници, тој рече дека од суштинско значење е тоа што светот помогнал Ирак да остане на цврста позиција.

„Кога владите преговараат со терористи, сите во слободниот свет страдаат. Кога политичките лидери соочени со тероризмот покажуваат знаци на дефетизам, тоа само поттикнува поголеми насилства“, истакна Алави.

Говорот на г-динот Алави уследи во време кога во американскиот конгрес владее голема загриженост поради се поголемиот број американски жртви во Ирак - над 1.000 загинати, илјадници повредени, и неодамнешните жртви на терористички чинови.

Тој кажа дека Ирачаните знаат оти американската одлука за инвазија на Ирак и клучното гласање во Конгресот не биле лесни, но дека во Ирак и светот, како што рече, сега владее далеку подобра состојба, без Садам Хусеин на власт.

„Денес, нам ни е подобро, вам ви е подобро и ситуацијата во светот е подобра без Садам Хусеин“, рече господинот Алави.

Честопати во говорот, привремениот ирачки лидер се осврнуваше на медиумските извештаи за ситуацијата во Ирак, во кои, според него, се занемарува напредокот постигнат по соборувањето на Садам Хусеин.

Г-динот Алави рече дека Ирак е на пат да го преземе товарот во однос на безбедноста од американските и коалиционите сили, предвидувајќи оти до јануари, кога треба да се одржат изборите, ќе бидат обучени 145.000 припадници на армиските, полициски и антитерористички сили.

Г-динот Буш, кој вчера се сретна со г-динот Алави во Белата куќа, рече дека привремениот премиер и неговата влада се патриоти во војната за слобода на Ирак и во војната против тероризмот. Претседателот Буш му порача на ирачкиот премиер дека САД ќе ја продолжат поддршката за Ирак се́ додека не надвладеат слободата и правдата, бидејќи, како што кажа, американската безбедност и иднината на Ирак зависат од тоа.

XS
SM
MD
LG