Во говорите на кампањата сенаторот Кери го обвинува претседателот Буш дека не бил искрен пред американскиот народ околу тешкотиите со кои се соочуваат САД во Ирак.
„Во Ирак, оваа администрација постојано дава преголеми ветувања и извршува помалку од тоа. Оваа политика се одликува со недоволно планирање, затвореност, со ароганција и целосна некомпетентност. А претседателот смета дека никој не е одговорен за тоа, ниту тој самиот“, истакна господинот Кери.
Според Ален Кејсветер, поранешен претставник на Стејт департментот кој работел во влади и на Републиканската и на Демократската партија, Џон Кери смета оти главната грешка била настојувањето на претседателот Буш да започне војна без поддршка од традиционалните американски сојузници. Господинот Кејсветер вели дека доколку сенаторот Кери биде избран за претседател, тој ќе има повеќе мулилатерален пристап.
„Покрај планот за мир и планот за војна, тој исто така истакна дека требало да има суштинска меѓународна поддршка, вистинска коалиција. Меѓутоа, тој го бранеше правото на САД да одат сами ако е потребно за да ги бранат нашите интереси“, вели господинот Кејсветер.
Даниел Плетка, потпретседател на студиите за надворешна и одбранбена политика на Американскиот ентерпрајз институт, истражувачка организација во Вашингтон, верува дека одлуката на претседателот Буш да започне војна била правилна.
„Причината зошто тоа беше потребно е што по 11 септември, САД не можеа едноставно да заземат иста позиција како пред 11 септември, што би значело да чекаат и да видат кој ќе ни донесе опасност. Садам Хусеин беше закана“.
Претседателот Буш останува на својот став за започнување на војната и го критикува сенаторот Кери.
„Неверојатно е што тој сега смета оти нашата национална безбедност би била подобра ако Садам Хусеин е на власт, а не во затвор. Денеска тој рече, цитирам, “Заменивме диктатор со хаос по што Америка е помалку безбедна“. Тој вели дека преферира диктаторство наместо надеж и безбедност за демократија“, вели господинот Буш.
Претседателот го обвинува сенаторот Кери за често менување на мислења. Џон Кери гласаше да се одобри започнувањето на војната и на предизборите во неговата партија го бранеше тоа.
Друго прашање околу кое се спротивставени претседателот Буш и сенаторот Кери е присуството на американските трупи во Ирак. Во средината на септември бројот на загинати војници надмина илјада.
Господинот Буш одбива да определи датум за американското повлекување од Ирак. Тоа, според него, само би ги охрабрило терористите. Наместо тоа претседателот вети дека американските сили ќе останат во Ирак колку што е потребно за да и помогнат на привремената влада да ја зајакне безбедноста и да се одржат општи избори кон крајот на идната година.
Но сенаторот Кери вели дека ако биде избран за претседател значително ќе го намали бројот на американски сили во Ирак во првите шест месеци од неговиот мандат и ќе настојува следните четири години повеќето американски војници да се вратат дома. Тој предвидува ирачките безбедносни сили и војници од други земји да ги заменат американските трупи.
Аналитичарот Даниел Плетка смета дека тоа е наивно и погрешно затоа што нема доволно војници од странски земји што би овозможиле повлекување на американските војници.
Поранешниот дипломат Ален Кејсветер исто така вели дека ќе биде тешко за секој американски претседател да донесе повеќе сојузници во Ирак на ова ниво, но смета оти сенаторот Кери може да биде поуспешен од претседателот Буш досега. Тој лично смета оти сенаторот Кери има поголеми шанси затоа што е ново лице.
И покрај зголемувањето на бројот на американски жртви и влошувањето на безбедносната ситуација во Ирак, последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството американски гласачи се уште веруваат дека Џорџ Буш подобро ќе се справи со Ирак отколку Џон Кери. Но до изборите има уште неколку недели и аналитичарите велат дека настаните во Ирак може да го определат исходот на гласањето во ноември.