Линкови за пристапност

Документите за програмата Нафта за храна во Ирак - под контрола на ирачката привремена влада - 2004-09-22


Тројца членови на Конгресот кои тукушто се вратија од Ирак велат дека документите поврзани со поранешната програма на ОН, Нафта за храна, се на сигурно и под контрола на ирачката привремена влада. Законодавците го посетија Багдад во рамки на конгресната истрага за наводната корупција поради која се верува дека меѓу 1996 и 2003 од програмата биле одлеани милијарди долари.

На почетокот на годинава во Конгресот владееше огорченост поради обвинувањата појавени во медиумите дека во скандалот со корупција во Програмата на ОН, Нафта за храна, биле вмешани не само Ирачани, туку веројатно и високи претставници на ОН како и странски компании.

Обвинувањата против претставниците на ОН не се докажани, но според извештајот на Американската владина канцеларија за одговорност, меѓу пет и десет милијарди долари завршиле во џебовите на Садам Хусеин или други лица од неговиот режим.

Републиканскиот конгресмен Џо Бартон, кој раководи со Kомисијата во Претставничкиот дом за енергетика и финасии, вели дека повеќето документи по ова прашање се под контрола на ирачаката привремена влада, а останатите се на други локации.

Тој вака го објасни конгресниот интерес за истрагата на ирачката привремена влада по ова прашање:

„Нашата истрага во никој случај нема намера да открие вина за она што прави ирачката привремена влада во земјата. Целта е да се обезбедат докази за тоа кој добил дел од нелегалните потврди и исплати во меѓународната заедница надвор од Ирак. Убеден сум дека Ирачаните се способни да ги изнесат пред суд нивните граѓани кои ја злоупотребиле програмата“, рече тој.

Конгресменот Бартон вели дека разговорите што тој и другите двајца американски законодавци ги воделе во Ирак довеле до субјективни докази за корупцијата што води трага, како што кажа самиот, до мошне високи кругови во различни организации надвор од Ирак. Г-динот Бартон кажа и дека неговата посета не резултирала со конечен доказ по ова прашање.

Законодавците биле изненадени кога откриле дека повеќето од документите во Багдад се на англиски.

Републиканскиот конгресмен Фред Аптон опишува еден документ со, како што вели, сомнителна трансакција.

„Откривме еден документ во кој имаше вишок од 830.000 евра за Русија и тоа за опрема за камера, опрема „Сони“ и други нешта и не ми е јасно како сето ова е поврзано со програмата Нафта за храна“, рече г-динот Аптон.

На почетокот на годинава, конгресните комисии одржуваа распити околу злоупотребите на програмата Нафта за храна, што беше прекината по инвазијата на Ирак. Конгресменот Бартон вели дека програмата едно време станала личен извор на готовина за Садам Хусеин.

Сега, вели конгресменот Бартон, Ирачаните имаат шанса да извршат темелна истрага.

„Верувам дека поголемиот дел од тие пари се́ уште се на приватни банковни сметки и доколку ги пронајдеме и подигнеме, средствата можат да се вратат на ирачкиот народ“, рече тој.

Одвоена независна истрага за програмата на ОН во моментов врши и поранешниот раководител на Американската државна благајна, Пол Волкер.

XS
SM
MD
LG