Состанокот, на кој учествуваат г-динот Пауел, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, шефот на дипломатијата на ЕУ Хавиер Солана и генералниот секретар на ОН Кофи Анан ќе биде прв на овој Квартет по оној што се одржа во Њујорк во јуни.
Во мапата кон мир што пред две години ја создаде Квартетот се изложени серија компатибилни акции од страна на Израелците и Палестинците кои ќе водат до создавање на две држави на Блискиот исток до крајот на 2005 година.
Ниту една од страните не ги исполни обврските од планот и тој е далеку од реализирање.
Сепак, во вчерашното обраќање пред Генералното собрание на ОН, претседателот Буш инсистираше дека и покрај назадувањета и проблемите во изминативе месеци, добрата волја и напорната работа се уште ветуваат напредок во однос на мапата кон мир.
За да се постигне тоа, претседателот кажа дека и Израел и арапските држави мора да ги исполнат своите обврски што произлегуваат од планот.
„Арапските држави треба да ги запрат провокациите од нивните сопствени медиуми, да го прекинат јавното и приватното финансирање на тероризмот и да воспостават нормални односи со Израел. Израел треба да ги замрзне населбите, да ги растури нелегалните населби и да престане со секојдневното понижување на палестинскиот народ и да избегнува секакви акции кои се обременети со предрасуди во однос на финалните преговори. А лидерите во светот треба да прекинат со секакво фаворизирање и поддршка на секој палестински лидер кој го излажал својот народ и ја изневерил неговата кауза“, рече тој.
Г-динот Буш рече дека определбата за демократски реформи е од суштинскао значење за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
Иако не кажа директно, критикувајќи го палестинскиот лидер Јасер Арафат, тој рече дека мирот нема да биде постигнат со палестински лидери кои ја заплашуваат опозицијата, ја толерираат корупцијата и одржуваат врски со терористички групи, потенцирајќи дека палестинскиот народ кој долго страда заслужува подобро.
Пред започнувањето на состанокот на Квартетот, државниот секретар Колин Пауел имаше приватна средба со израелскиот министер за надворешни работи Силван Шалом.
Американскиот портпарол изјави дека тие разговарале по прашањата што претседателот ги покренал во говорот и дискутирале за можноста што ја претставува планираното повлекување од Газа на израелскиот премиер Ариел Шарон.
Администрацијата на Буш вели дека планот на Шарон, кој предвидува целосно израелско повлекување од Газа, би можело да биде катализатор за обнова на мапата кон мир.
Но, се вели дека отстранувањето на четирите одвоени населби на Западниот брег, на што инсистира израелскиот лидер, би можело да биде почеток, а не крај на повлекувањето оттаму.