Според некои медиумски извештаи, ирачката привремена влада би можела да ја разгледа можноста да ослободи најмалку една од двете жени –затворенички во Ирак. Грабнувачите на двајцата Американци кои беа обезглавени неделава претходно поставија услов да бидат ослободени сите жени-затвореници од ирачките затвори.
Но, истото го отфрлија и ирачките и американските претставници во Багдад. На прес-конференција во ОН, секретарот Пауел рече дека нема да има промена во американската политика, и покрај бруталното убиство на двајцата Американци.
„Доколку нешто научивме во меѓувреме, тоа е дека нема преговори со овие терористи. Не смеете да им попуштите, бидејќи со тоа ги поттикнувате повторно да го сторат истото. Затоа, нашата политика ќе остане непроменета“, рече тој.
Г-динот Пауел изрази длабоко сочувство по повод смртта на двајцата американски договорни работници, за кои тој рече дека отишле во Ирак за да му помогнат на тамошниот народ, додавајќи дека тој сочувствува со нивните семејства, посебно поради начинот на кој тие ги загубиле животите.